„Нема да направам Авганистан од Сирија“: Лидерот на бунтовниците се огласи: „Исцрпени сме од војната, не сме закана“

381

Водачот на бунтовничката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), кој неодамна ја презеде де факто власта во Сирија, Ахмед Голани, попознат како Абу Мохамед ал Голани, рече дека земјата е исцрпена од војната и не претставува закана за другите земји во регионот или западот.

Во интервјуто објавено вчера за Би-би-си, тој ги повика западните земји и ОН да ги укинат санкциите кон Сирија и да ја тргнат ХТС од листата на терористички организации, која се наоѓаше на таа листа бидејќи започна како огранок на Ал Каеда, од која се одвои во 2016 година.

-Санкциите мора да се укинат бидејќи беа насочени кон стариот режим. Жртвата и угнетувачот не треба да се третираат на ист начин – рече Голани.

Тој посочи дека нема намера Сирија да ја „претвори“ во Авганистан, истакнувајќи дека Сирија не е племенско општество.

Образование на жените
Тој исто така рече дека верува оти жените треба да се образуваат и дека во Сирија, за разлика од Авганистан каде на жените не им е дозволен пристап до образование, процентот на жени на универзитетите е повеќе од 60 проценти.

Тој нагласи дека ХТС не е терористичка организација, тврдејќи дека за време на војната никогаш не напаѓала цивили и цивилни области, а нејзините членови се сметаат себеси за жртви на режимот на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад.

Правно прашање за алкохол
Голани говорејќи за дозволата за консумирање алкохол рече дека тоа е правно прашање и најави формирање „комитет од правни експерти кои ќе го пишуваат уставот“.

– Тие ќе одлучат. И секој владетел или претседател ќе мора да го почитува законот – рече Голани.

Би-би-си јавува дека Голани и ХТС се обидуваат да ја убедат јавноста дека групата раскинала со своето екстремистичко минато, во што многу Сиријци не веруваат.