Извозот е главниот двигател на македонската економија, но е премногу насочен на еден пазар, германскиот. Тој е концентриран на автомобилската индустрија и е во релативно мал број на големи фирми, така што е зголемена концентрацијата на ризик. Ова што сега се случува со германската економија има големи негативни ефекти врз нашата економија.
Ова го посочи Татјана Маркоска, специјалист за развој на приватниот сектор во Светска банка, која во Собранието, во организација на Комисијата за економски прашања, ги презентираше препораките на Светска Банка за политиките за развивање на приватниот сектор во нашата земја пред претставници на ресорните министерства и на надлежните институции, невладиниот сектор, стопанските комори и Организацијата на работодавачи.
Поради тие причини, од банката укажуваат дека е потребна диверзификација на извозот со што повеќе фирми од државава да извезуваат на повеќе пазари поразновидни производи и услуги.
– Многу важно е да се зголеми бројот на извозници, моментално извезуваат помалку од четири проценти од македонските фирми и за да се направи тоа треба да има државни програми за поддршка на извозот и за поддршка на подготвеноста на фирмите да излезат на странските пазари – рече Маркоска.
Од банката укажуваат дека е потребно да се создаде поволна бизнис-клима што ќе го намали трошокот и времето на фирмите во делот на административните и бирократските барања. Сметаат дека е потребно да се формира иновативен еко-систем што ќе ги доближи новите технологии и знаења до македонските фирми, а финансиски сектор да понуди разновидни финансиски услуги со кои ќе се подобри ликвидноста и инвестициската способност на фирмите и пазарна интеграција и на регионалниот и на европскиот пазар.
За сето ова да се постигне од Светска банка посочуваат дека се потребни финансиски независни пазарни институции, како Развојната банка, Комисијата за заштита на конкуренцијата. Од банката нагласуваат дека сите регулатори што постојат на пазарот ќе треба да носат исправни одлуки и пазарот да функционира и да даде можности.
Светските банкари сметаат дека потребна е нова стратегија за привлекување странски инвестиции, бидејќи старата која се базираше на евтина работна сила веќе не е применлива.
– Потребно е да се зголеми и фокусот за привлекување инвеститори во високотехнолошките дејности кои додаваат поголема вредност и бараат поквалификуван кадар, но во помал обем – се нагласува во препораките на СБ.
Од банката наведуваат дека Македонија има највисок резултат во поглед на почнувањето бизнис, при што се добри практиките за регулативата за сопствеништво на бизнисот или времето за регистрирање нова компанија, а во поглед на услугите за струја и вода, има добри механизми за поплаки и добри тарифи… Но, сметат дека има простор за подобрување во поглед на инсолвентност, решавање на спорови, оданочување и меѓународна трговија.
Кај столбот за јавни услуги, Македонија може да ја подобри интероперабилноста и интеграцијата на различните платформи, како на пример меѓу Регистарот на недвижен имот и други агенции. Кај оданочувањето, пак, посочи дека нема можност да се поднесат електронски пријави. Кај меѓународната трговија постојат неколку добри практики што може да се спроведат како што е подобрување на дигиталните услуги меѓу компаниите, а пример е препознавање на правната валидност на странските потписи.
–Македонија има добар учинок, за времето што е потребно за регистрирање на нова компанија потребни се 12 дена, но може да биде и побрзо, требаат три дена, но има поважни доцнења, како на пример во локацијата, потребни се 180 дена за добивање дозвола за градење, а во најдобрите економии се потребни 14 дена. Исто така, за решавање на спор потребни се осум месеци, а во најдобрите економии еден месец – велат од Светската банка.