Нетанјаху сведочеше по четврти пат – обвинувањата за корупција ги нарече „идиотски“

22

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по четврти пат сведочеше во неговото судење за корупција, нарекувајќи ги обвиненијата против него „идиотски“.

На Нетанјаху, првиот актуелен израелски лидер кој е кривично обвинет, му се суди за измама, нарушување на довербата и поткуп во три одделни случаи.

Тој требаше да сведочи во вторникот, но сведочењето беше одложено откако беше побарано тоа од, како што рече, „безбедносни причини“.

Вчера Нетанјаху го обиколи врвот на планината Хермон, дел од сириската тампон зона што израелските сили ја освоија по падот на сирискиот претседател Башар ал Асад минатата недела. Со тоа тој стана првиот израелски лидер кој стапнал во Сирија, наведува Асошиејтед прес.

Нетанјаху треба да сведочи шест часа на ден, три дена во текот на неколку недели. Затоа, критичарите се прашуваат дали тој е способен да води земја во војна од една страна, да се справи со последиците од војната од друга и да се справи со други потенцијални закани, вклучувајќи го и Иран.

Тој денеска изјави дека не можел внимателно да ја слуша сопругата Сара кога му раскажувала како и поминал денот и пред војната.

Израелскиот лидер го рече ова во врска со наводите дека тој, членовите на неговото семејство и други барале тој да биде поволно известуван на веб-страницата Вала, во замена за прописи кои ќе му користат на сопственикот.

Нетанјаху тврдеше дека не учествувал во испраќањето на пораките на неговата сопруга за медиумското покривање бидејќи немал ниту време ниту телефон да дознае за нив.