Започнува нова еко-акција „Еден милион садници за пет години“ со која потврдува дека грижата за животната средина останува нејзин врвен приоритет. Оваа акција ќе биде најголем придонес на Банката досега кон подобрување на животната средина, поттикнување на колективната свест и обезбедување на почист воздух за сегашните и за идните генерации.

Со акцијата „Еден милион садници за пет години“ истовремено се одбележува и петгодишнината од „зелената платформа“ ХалкЕко, во рамките на која банката во изминативе години организираше и поддржа многу еколошки проекти.

Банката веќе потпиша договор со ЈП „Македонски шуми“ за спонзорство, кое предвидува во следните пет години да се засадат 1.000.000 садници низ територијата на целата земја. Во текот на годинава ќе бидат засадени 20.000 садници, а од 2025 година, динамиката ќе се зголеми со засадување по околу 250.000 садници годишно, со што до 2029 година ќе се постигне целта од еден милион садници.

Преку платформата „ХалкЕко’ досега се реализирани повеќе акции низ различни општини во кои беа засадени над 60.000 садници. Овие дрвја веќе почнаа да го даваат својот придонес бидејќи секое дрво апсорбира приближно 22 килограми јаглерод диоксид годишно и ослободува кислород доволен за двајца луѓе.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека шумите и земјоделството се неразделно поврзани бидејќи обезбедуваат стабилност на почвата, задржуваат влага и претставуваат природна заштита од ерозија. Со засадувањето на нови дрвја се заштитуваат овие витални ресурси и се обезбедуваат подобри услови за земјоделско производство, особено во региони погодени од климатски екстреми како суши.

Ане Лешкоска, заменик-министер за животна средина и просторно планирање истакна дека проблемот со загадувањето, посебно на воздухот, веќе подолго време ја загрозува благосостојбата на нашите граѓани.

– Засадувањето дрвја е еден од најефикасните начини за ублажување на загадувањето. Дрвјата не само што го апсорбираат јаглерод диоксидот, туку ја намалуваат концентрацијата на ПМ честички во воздухот, произведуваат кислород и создаваат природни бариери од прашина и други штетни материи. Овој проект, кога ќе биде реализиран, ќе го намали загадувањето во регионите каде што е најкритично – истакна Лешкоска.

Директорот на ЈП Македонски шуми, Здравко Трајановски, нагласи дека еден милион садници значат многу повеќе од зголемување на шумските површини.

– Тие претставуваат директен придонес за намалување на јаглеродните емисии, подобрување на квалитетот на воздухот, заштита на почвата од ерозија и зачувување на биодиверзитетот. Секое ново засадено дрво е симбол на враќање на природната рамнотежа и создавање поздрава животна средина за сегашните и идните генерации – рече Трајановски.

(С.Бл.)