За семафори на ул. „Васко Карангелевски“, Митески да ургира во СВР Скопје 

30

Од Град Скопје велат дека јавното претпријатие „Улици и патишта“ – Скопје има имплементирано повеќе мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот на улицата „Васко Карангелевски“, во изминатиот период, како воведување зона на школо, виброленти и други мерки што значително придонесуваат за намалување на брзината на возилата.

– Проектот за воведување нови семафори на крстосницата меѓу улицата „Васко Карангелевски“ и улицата „А. Димовски“ е од поодамна. Согласно со ЗБСП, тој е доставен, веќе четири пати, до МВР – Сектор за внатрешни работи – Скопје за добивање на потребната согласност за негова имплементација, барање што не се прифаќа од надлежните – соопштија од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека четири пати бил доставен, конкретно до Секторот за внатрешни работи, основниот сообраќаен проект за светлосни сигнали – семафори на таа локација, но СВР Скопје се изјаснувал негативно за него, односно не дава согласност за поставување, па од таа причина не може да биде спроведен на терен.

Од Град Скопје апелираат до в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, како што велат, да не тера политика и да си ги научи надлежностите.

За поставување семафори на улицата „Васко Карангелески“, од Град Скопје го упатија в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, да ургира во СВР Скопје, кој е под надлежност на министерот за внатрешни работи, кој, како што велат, е од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ за, конечно, да се издаде потребната согласност од нивна страна.

Инаку, вчераутро, родители, поддржани од директорката на училиштето „Љубен Лапе“ и од градоначалникот на Аеродром, излегоа на мирен протест да побараат да се зголеми безбедноста за поминување на крстосницата во близина на училиштето.