„Учевме од Бистрица, уште учиме и нејзиниот животен пат и творештво ќе бидат наша инспирација за тоа како се сакаат луѓето и животот. Затоа пишуваме за неа“, кажа меѓу другото Благојка Филипчева рецензентката на книгата „Бистрица Миркуловска, ин мемориам“ во издание на Здружението на просветни работници и литературни творци на Македонија, чиј претседател е. Книгата беше промовирана на 17 септември во Музејот на македонската борба во Скопје, на тримесечјето од смртта на Миркуловска, поетеса, раскажувачка, преведувачка, професор и лектор по македонски јазик. Задната корица на книгата ја носи и омилената нејзина мисла, оставена во аманет на идните генерации творци: „Сè уште сè правам со љубов! Пишувам постојано на мои позни години, во мојата десетта деценија од животот! Нозете не ме држат, но умот и срцето се добри!
Во полна сала, а сепак, во тивка и треперлива атмосфера во која се слушаше снимената верзија на гласот на поетесата која ја изведува сопствената песна, нејзините бројни пријатели, колеги, поранешни ученици, просветни работници, професори, уште еднаш се уверија дека Миркуловска беше љубов и како што самата ќе запише во последните години од својот живот „Се уште сè правам со љубов!“. Истовремено се покажа и докажа дека е врвен педагог во духот на Блаже Конески кој ја исполнил својата животна мисија.
Според рецензентката на книгата Благојка Филипчева, книгата е издадена во едицијата „Великаните на пишаниот збор на Македонија“ и е производ на самофинасирање од група автори на Здружението на просветни работници литературни творци на Македонија, чиј долгогодишен член беше и самата поетеса, која е и добитник на наградата за животно дело од ова здружение, како и на ќерката проф. д-р Милица Анчевски и нејзиниот сопруг Марјан. Тука се собрани импресиите на 27 автори од печатот што го остави писателката во македонското книжевно творештво.
Филиповска во својот придружен текст ќе напише: „Книгата ‘Бистрица Миркуловска ин мемориам’ е плод на многу спомени и доживувања. Повеќе од 20 автори – учесници се согласни во едно – Бистрица Миркуловска беше педагог, реалист со поетски занес кон детето, кон младите, кон човекот, природата и општо, кон животот. Во период од два века делуваше како поетеса, раскажувачка, детска писателка, преведувачка, лекторка и пред и над се – професорка. Затоа, длабок поклон кој Бистрица Миркуловска, незаборав и овековечување на ваква ретка личност со срце распослано на две страни, во Словенија од каде што имаше корени и во Македонија која со срце и душа ја сакаше, каде живееше и твореше“.
Автор на корицата е Јован Мазгански, кој заедно со д-р Виолета Ачкоска и м-р Мирјана Русевска се членови на уредувачкиот одбор.
Проф. д-р Виолета Ачкоска во Словото што го одржа во чест на Бистрица Миркуловска, нагласи дека покрај сето она запишано во нејзината биографија , таа беше и многу повеќе: „Прекрасна словенска душа во која беа вткаени двете особини на двата народа, словенечкиот по крв, македонскиот по нејзиното раѓање, растење и творење. Или како што самата кажуваше таа ѝ била судена на Македонија, а Македонија ќе ја прегрне со својата топлина и љубов. Носејќи го генот на својата долговечна мајка, Бистрица и самата ќе запраша: ‘Долговечноста сал и е дар од бога, или проклетство’. Но ние кои ја познававме, и нејзината неуморна посветеност на македонистиката и на творењето на чудесни дела за деца и возрасни можеме да бидеме благодарни бидејќи без неа сигурно ќе имаше огромна празнина во мозаикот на македонската литература со повеќе жанрови“, истакна Ачковска.
Ачковска додаде дека зад Бистрица Миркуловска остана богато творечко дело, кое е еден од темелниците на македонската книжевност и преведувачка дејност. Таа спаѓа во онаа група мисионери во македонистиката кои преку своето пишување и преведување ја одбранува стаменитоста и убавината на македонскиот јазик и македонскиот пишан збор.
„Би сакала да нагласам, Бистрица секогаш доминираше по своето познавање на областа на која беше посветена, беше мајстор на пишаниот збор во било која форма и беше вистински голема по нејзината ненаметливост и скромност.
Сите кои ја познававме ќе носиме зрак топлина во срцата и вечно сеќавање, но таа ќе остане светла ѕвезда и патоказ за идните генерации македонски творци“.
Во своето обраќање, ќерката на Бистрица Миркуловска, проф. д-р Милица Анчевски, се задржа на последните години од животот на поетесата, кога не примала посети, велејќи им на пријателите дека сака да ја паметат каква што ја познаваат.
„Во кругот на најблиското семејство, кога поезијата станува нејзиниот живот, нејзиното време поминато во творештво до последен здив, таа си ја прашуваше душичката: ‘Каде душичке? Од телото-кафез си ослободена… – угоре по копнежот- кон вечната светлина… ‘. Каде посакувала да ѝ отиде душичката ќе дознаеме од ракописот оставен да биде објавен постхумно од мои раце, кој во моментов се подготвува за печат во книга насловена ‘Ангелот од Курбиново и други стихови’“. (М.С.Т.)