Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, екипите на ЈП Комунална
Хигиена подигнале и транспортирале приближно 50 кубни метри
непрописно одложен отпад од јавни и сообраќајни површини во скопските општини Чаир, Бутел и Кисела Вода.
-Во општината Чаир е интервенирано на улицата „Славеј Планина“, во
непосредна близина на скопското Теќе, каде што се расчистени 15 кубни метри мешан комунален и отпад од картонска амбалажа одложени на јавна површина. Во оваа скопска општина се отстранети и 10 кубни метри кабаст отпад одложен на сообраќајна површина на улицата „Цветан Димов“ – соопштија од ЈП Комунална Хигиена.
Воедно, во општината Бутел била расчистена обемна дива депонија лоцирана кај социјалните згради, во близина на СУГС „Зеф Љуш Марку“, каде што биле подигнати 15 кубни метри кабаст, градежен и мешан комунален отпад.
Освен тоа, екипите на ЈП Комунална Хигиена спровеле вонредни активности и во скопската општина Кисела Вода, каде што биле подигнати 10 кубни метри непрописно одложен отпад од картонска амбалажа на улицата „Димо Хаџи Димов“.