Софија ја губи позицијата во Брисел, го прифаќа Орбан за медијатор?!

Многу процеси за Македонија се одвивале во НАТО и во Брисел без учество на Бугарија, се пожали поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов пред Самитот ЕУ-Западен Балкан и најави дека Бугарија треба да повторно да си ја зајакне позицијата во регионот. Борисов, за кого уште не се знае дали ќе биде премиер на новата бугарска влада, за која во моментов течат партиски преговори, изјави дека разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за состојбата на државата на меѓународен план, но и за случувањата во врска со земјава и бил изненаден од објаснувањата што требало да му ги даде на Кошта. Во меѓувреме, унгарскиот премиер Виктор Орбан утре оди во ненадејна посета на Бугарија, што Борисов го оцени како „важна можност за зајакнување на односите со Унгарија“. Посетата на Орбан во Бугарија доаѓа откако во септември годинава официјална Софија експресно ја одби понудата од унгарскиот премиер Унгарија да биде медијатор во решавањето на спорот меѓу Скопје и Софија

73

Многу процеси за Македонија се одвивале во НАТО и во Брисел без учество на Бугарија, се пожали поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов пред Самитот ЕУ-Западен Балкан и најави дека Бугарија треба повторно да си ја зајакне позицијата во регионот. Борисов, за кого уште не се знае дали ќе биде премиер на новата бугарска влада, за која во моментов течат партиски преговори, изјави дека разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за состојбата на државата на меѓународен план, но и за случувањата во врска со земјава и бил изненаден од објаснувањата што требало да му ги даде на Кошта.

– Од разговорот (со Кошта) разбрав дека во текот на овие години имаше многу процеси за Северна Македонија во Брисел, во нашите партнерски земји во НАТО, без учество на Бугарија, и се изгуби многу време. Едноставно бев изненаден од објаснувањата што требаше да ги дадам. Мораме да формираме влада и да застанеме многу цврсто на својот став, изјави Борисов пред новинарите во бугарскиот парламентот.

Во обид да ги зајакне позициите на Бугарија на меѓународната сцена, Бојко Борисов објави дека ќе замине за Брисел каде што ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан. На овој настан, според Борисов, Бугарија ќе има шанса да го зајакне својот глас и да влијае врз тековните процеси во регионот.

-Влијанието на Србија, Грција и Турција е огромно. Унгарија сè помоќно е вклучена во овој процес, а ние како лидери на Балканот сега само ги набљудуваме процесите и не нè чека ништо добро. Бугарија може и треба да се врати и да застане таму каде што беше пред четири години, рече Борисов.

Во врска со најавената ненадејна посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Бугарија, Борисов истакна дека му е мило што Орбан доаѓа во Софија и ќе може да се види со него. Според Борисов, доаѓањето на Орбан е „важна можност за зајакнување на односите со Унгарија“.

-Мило ми е што Виктор Орбан ќе дојде во Софија. Ова е одлична можност за средба и разговор за важните теми во регионот и пошироко. Се надевам дека оваа посета ќе придонесе за зајакнување на нашите односи, изјави Борисов.

Посетата на Орбан во Бугарија доаѓа откако во септември годинава официјална Софија експресно ја одби понудата од унгарскиот премиер, Унгарија да биде медијатор во решавањето на спорот меѓу двете земји.

При посетата на Македонија пред два месеци, Орбан даде предлог Унгарија да биде посредник во спорот меѓу Скопје и Софија, за да се најде решение што ќе им одговара на двете страни. Само неколку часа подоцна, тогашниот бугарски министер за надворешни работи, Иван Кондов, изјави дека европскиот договор со земјава е јасен и дека неговата земја нема потреба од посредници во спорот со Македонија.

Според информациите во бугарските медиуми, унгарскиот премиер ќе се сретне со претседателот Румен Радев и лидерот на победничката партија на октомвриските избори – ГЕРБ-СДС, Бојко Борисов. Најверојатно, Орбан нема да се сретне со вршителот на должноста премиер Димитар Главчев.

Бугарските медиуми известуваат дека една од главните теми ќе биде транзитот на руски природен гас преку „Балканскиот тек“ за земјите од ЕУ, вклучително и Унгарија, но многу е веројатно дека Орбан ќе ја искористи можноста за посредување меѓу Македонија и Бугарија, иако Софија експресно го одби.

За преговорите за формирање политичка влада во Бугарија, лидерот на ГЕРБ кажа дека засега одат добро и „колку потивко се одвиваат, толку подобро“. Борисов рече дека е оптимист за формирање Влада и дека желба има и кај останатите пратенички групи.

Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, изјави дека ако оваа недела е потребна за разговори, на почетокот на следната недела не може да додели мандат, поради божиќните и новогодишните празници, што значи дека тоа ќе се случи по Нова година.

Македонските власти изминатиот период посочуваат дека е потребно источниот сосед да формира политичка Влада, наместо досегашните технички, за да може да тече процесот на преговори околу барањето за уставни измени со цел Бугарија да го одблокира патот на Македонија кон ЕУ. Сепак, од Илинденска сметаат дека секогаш може да се разговара и со техничките вршители на должност од другата страна, кои се легитимни претставници на Бугарија.

По низата посети во Брисел и средби со високи европски претставници, македонскиот премиер Христијан Мицкоски сподели оптимизам со јавноста и порача дека Македонија досега не добила антитези од Брисел за ставовите за уставни измени со одложено дејство.

На почетокот на овој месец, новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, порача дека нејзин сон е „да ги имаме сите земји од Западниот Балкан во Европската Унија и да ги видиме отстранети границите и билатералните тензии, како што беше случај во многу делови од континентот“ и дека ќе направи сè „билатералните спорови од минатото да не можат постојано да стојат на патот кон нашата заедничка цел – приближување на земјите од Западниот Балкан кон Европска Унија“. (В.С.Н.)