Присутните на завчерашниот концерт на АКУД ‘Мирче Ацев’, одржан во Националната опера и балет, се согласија: тоа беше вечер полна со незаборавни изведби, публиката беше воодушевена, а родителите на учесниците – горди! Ова фолклорно друштво изнедри бројни генерации игроорци и хористи и продолжува да работи со истата страст. И по 75 години, АКУД „Мирче Ацев“ блеска на сцените во Македонија и низ светот со истата силина
„Овој ден го обоивте со многу емоции, љубов, посветеност и со право сте стожер во зачувувањето на традицијата“, „Треба да сме горди на сите оние што одвојуваат време да ги едуцираат младите и да ги одржат академското друштво, македонската култура и традицијата“, „Ни приредивте еден времеплов од минатото до сегашноста, со подмладок што ветува, подмладок што нежно го галеше подиумот со вештите чекорчиња, со љубопитен поглед и насмевка за заслужениот аплауз“… Ова се само мал дел од реакциите на публиката која, со голем интерес и со нескриено задоволство, завчеравечер, во Националната опера и балет, го проследи јубилејниот концерт на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ за 75 години постоење.
И токму членовите на ова друштво од различни генерации покажа пред присутните како со многу љубов, дисциплина и со посветеност се чуваат, презентираат и се афирмираат македонскиот фолклор, ората и песните. Бурниот аплауз и овациите по двочасовната програма, која беше проследена во еден здив, беа доказ дека ова друштво е на вистинскиот пат, кој води кон иднината, но истовремено го чува минатото.
А, на концертот настапија детскиот ансамбл, младинската група, сениорите, академскиот хор… Се играше „Женско чамче“, „Овчарки“, сплетот „Жетварки“, ромски игри, сплет ора од источна Македонија… Хористите настапија со два блока, со „Балтепе“ и со аранжмани на песни од „Квин“ и од АББА.
И сето ова да изгледа онака како што изгледаше, величествено, емотивно и „со толку добра кореографија, без ниедна грешка… сите како еден!“, како што кажа еден од присутните, беа заслужни и раководителите на фолклорниот ансамбл – Владимир Костадиновски, Љубе Јаневски и Благоја Јованоски, како и диригентката на академскиот хор „Мирче Ацев“ – Јасмина Ѓорѓеска.
Сите присутни се согласија, ова беше вечер полна со незаборавни изведби, публиката беше воодушевена, а родителите на учесниците – горди!
И самите членови ги потсетија присутните на историјатот на АКУД „Мирче Ацев“, кој изнедри бројни генерации игроорци и хористи и продолжува да работи со истата страст.
„Со самото формирање на првите факултети во Република Македонија, веднаш по ослободувањето, а со тоа и со почетоците на нивниот развој и општествен подем, на површина се појавила и потребата на студентите за поорганизиран културно-забавен живот. Потреба од нешто што ќе биде носител на културата и на уметноста во средиштето на сите активности што се јавуваат како израз на интелектуалните стремежи и на прогресот на Универзитетот. Олицетворение на таков носител во областа на уметноста и на културата, уште во самиот зародиш на универзитетскиот живот, станува Академското културно-уметничко друштво ‘Мирче Ацев’, кое во целиот изминат период е единственото културно-уметничко друштво на ниво на целата држава со предзнакот академско“, потсетија од АКУД „Мирче Ацев“, кое и по 75 години блеска на сцените во Македонија и низ светот со истата силина. (Д.Т.)