Ќе се гради нова населба на потегот меѓу населбите Сењак 4 и Баби во Штип

20

Во Штип ќе се гради нова населба на потегот меѓу населбите Сењак 4 и Баби.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов најави дека согасно  Деталниот урбанистички план (ДУП) на овој дел ќе има околу 70 плацеви кои ќе се продаваат за изградба на индивидуални куќи. Тој додаде дека целиот потег кај булеварот „Партизанска“ ќе биде целосно урбанизиран.

-Потегот кој е неискористен, неурбанизиран меѓу населбите Сењак 4 и Баби за кратко време ќе биде една прекрасна зона за индивидуално домување, затоа што согласно ДУП овде се предвидени околу 70 плацови за индивидуални куќи – изјави Јорданов.

Населби со иднивидуални куќи ќе се создадат во неколку зони во Штип. Изградбата и продажбата на станови во Штип зема се поголем замав, а достигнаа и висока цена. Токму затоа се нуди можност граѓаните да добијат плац за индивидуално домување.

– Една од причините заради која се одлучивме да планираме населби со индивидуално домување е тоа што е навистина потреба на граѓаните кои бараат парцели и површини за градба. Се планираат неколку зони кои во иднина ќе бидат ставени во Програмата за отуѓување на градежно земјиште – рече Јорданов.

Тој се надева дека интерес за индивидуални куќи ќе има не само од граѓаните на Штип, туку и од Скопје, бидејќи градот има добра инфраструктура, чист воздух, лесна поврзаност со главниот град и потенцијал кој во иднина треба да биде искористен.

Во близина на овој потег претходно се работеше на подземната инфраструктура, доби булеварско решение, а овде ќе се гради и супер маркетот „Лидл“.