Во македонската Филхармонија, во организација на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, вчеравечер се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на оркестарот на македонската Армија со музичари од оркестрите на вооружените сили на Франција, Унгарија, Италија и на САД.
На концертот, кој годинава се одржа под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, и под диригентската палка на потполковник Горан Илијевски, беа изведени композиции од познатите светски автори Жорж Бизе, Јоханес Брамс, Џорџ Гершвин и Џоакино Росини, како и повеќе нумери од композитори од земјите на оркестрите. На почетокот беше интонирана македонската државна химна, а репертоарот беше збогатен и со македонски евергрини. Кај публиката голем впечаток остави изведбата на Гершвин, додека во вториот дел од концертот, на задоволство на присутните, настапија и македонските вокали Огнен Здравковски и Андријана Јаневска.
Нејзината емотивна изведба на песната „Заветна“ ја освои публиката во исполнетата сала до последно место.
Предновогодишниот концерт го проследија претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во нашата земја, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.
Концертот на воените оркестри од сојузничките земји, како и од земјите од регионот и пошироко, прерасна во проект во рамките на меѓуармиската соработка, кој традиционално се изведува неколку години по ред во пресрет на Нова година или друг државен празник, претставувајќи го силното партнерство и трајните врски на пријателството и соработката.
Инаку, Воениот оркестар на Армијата во изминатиот период има реализирано голем број концерти, а многупати и во другите градови во Републиката. Особено забележителни беа настапите: на воените оркестри од армиите на РС Македонија, Албанија, Хрватска и Словенија во 2023 година; со воениот оркестар на ВС на Албанија по повод 30-годишниот јубилеј на Армијата; трилатералниот предновогодишен концерт со воените оркестри на Албанија и Хрватска во 2019 година, во која година беше и заедничкиот концерт на пет воени оркестри во рамки на активностите за одбележување на „Недела на НАТО“, каде изведби имаа оркестарот на Армијата на САД за Европа, Грција, Словенија и Обединетото Кралство; потоа трилатералниот концерт во 2018 година со воените оркестри на Вооружените сили на Република Бугарија и Војската на Црна Гора, а уште претходно забележителен настап имаа и со воениот оркестар на Република Турција во 2014 година. Фото: Армија