Интервју за ВЕЧЕР со балканската музичка ѕвезда, пред неговиот скопски концерт! – Македонија е мојот втор дом, а публиката во Скопје секогаш ми дава неверојатна позитивна енергија – вака искрено изјавува балканската музичка мегаѕвезда, Аца Лукас(Александар Вуксановиќ), за читателите на весникот ВЕЧЕР, а пред својот скопски концерт, кој ќе се одржи наскоро, на 25 декември, во арената „Борис Трајковски“. Секако дека ова не му е прво пеење на Лукас во Скопје и во Македонија. Кај нас доаѓа често, со голема радост и секогаш фантастично поминува. Пред концертот, одржа голем прес за македонските естрадни новинари. Ги испочитува сите новинари и на сите им вети предобра предновогодишна журка, со сите свои хитови. А, вети и дека ќе ги чести новинарите на концертот со по една пијачка по избор, од оние „коњопои“, кои ќе бидат поставени пред бината.
– Нема ништо да недостига, кај Аца мора сè да функционира, освен ако не се најде, да простиш, некоја будала да ни ја расипе забавата во Скопје – вели шегобиецот Лукас.
Потоа додаде: – Немам што особено да се подготвувам за скопскиот концерт, мојата верна публика сè знае однапред да ми подготви. Луѓето едвај чекаат да им пеам. И готово. Ретко кој од моите колеги може така како што можам јас.
Кога веќе ги спомна колегите, не можевме а да не го прашаме дали има вистина во тоа што го кажа за популарната Лепа Брена, дека таа веќе не може ни филџан кафе да наполни, а не, пак, некоја спортска сала. – Точна така, го кажав тоа. Мојата почитувана колешка Лепа Брена сосила ги полни салите. Таа ниту дома не може да ја наполни дневната соба со комшии, па така немој да очекуваш да ги полни спортските сали. Немам ништо лично против односната дама, но нека не се занесува дека има толку многу верна публика.
Лукас не ја заобиколи ниту Северина, со која наводно требаше да сними песна во дует:
– По оние скандалозни изјави на Северина во врска со српскиот народ, не може да ми се случи тој дует ни во лудило. Како и да е, јас ѝ кажав отворено: „Како можеш, кукло моја, да го оправдаш ваквото плукање по еден народ, а двајцата мажи ти беа Срби? Со првиот имаш и син! Половина живот го помина во Србија. Беше 30 пати попопуларна во Србија отколку во твојата Хрватска“.
Многумина му префрлаат на Лукас поради начинот на облекување, сметајќи дека треба да се соземе, во смисла да ја измие косата, можеби да се избричи, да биде во некои, што би се рекло, поприфатливи маици, панталони, џемпери…
– Да не треба да се облечам во вечерен костум со пеперушка? Ајде не шегувајте се! Еднаш навистина бев така облечен, ама кога снимав спот, па мораа да ме снимаат како свирам на клавир. Мене ми беше смешно што бев така „изгланцан“, „уштиркан“, не сум тоа јас. Што ми недостига, на пример, со ова црно зимско капче на главата? Можам вака и на сцена да излезам, ќе има овации кај публиката. Нема барем да се гледа мојата мрсна коса – вели пак шеговито Лукас, алудирајќи на муабетите на сите оние што имаат лошо мислење за неговиот имиџ.
А, дека пее и „растура“ во тој дел од својата работа, на сите им е јасно. На добар дел од критичарите не им е јасно со што ја привлекува толку многу публиката кога не е некој сексапилен фраер.
– Имам м….., кои другите ги немаат! Сигурно дека не можам да бидам Лепа Брена со депилирани нозе. Мене не ме интересира тоа. Најважни ми се песната, доброто пеење. Да се шири позитивна енергија во салата во која настапувам. Да видам расположени луѓе, насмеани лица, кои дошле на два-три часа да се забавуваме сите заедно. Луѓе што избегале накратко од своите секојдневни проблеми, од најчесто здодевните брачни партнери, од големите разочарувања дали на работа, дали кога ќе влезат со полупразни паричници во маркет и воопшто од ова невреме во кое живееме.
Ете таков си е Лукас. Никому не му премолчува, нема влакна на јазикот и секогаш е омилен во речиси секое друштво. Затоа луѓето знаат на што се со него. Нема со него муабети зад грб, нема местење и други валкани игри карактеристични за естрадата. Па кој може, ќе го прифати Лукас таков каков што е, отворен, но воедно и шеговит. И најмногу распеан, расположен, духовит, комуникативен. Но, всушност, тој е многу добар човек. Дуле Миќиќ