Артан Груби и Прпарим Бајрами се бараат со меѓународна потерница

24

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.

Јавното обвинителство вчера соопшти дека ќе побара од Министерството за внатрешни работи да распише потерница по овие две лица на кои Основниот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена.

Двете лица се недостапни за органите на прогонот.

Артан Груби (47) е осомнничен за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“чл. 275-в ст.3 в.в. член 24. Заедно со Груби и Бајрами, осомничен за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4, е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски (50), како и уште пет лица.

Прпарим Бајрами (31) се сомничи за „злоупотреба на службената положба и овластување“ чл.353 ст.4, за „примање поткуп“ чл.357 ст.4 и за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ предвидено и казниво по чл. 275-в ст.3 од КЗ.