Поставени фотоволтаици на шест основни училишта

351

Општина Битола, во соработка со Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, успешно го заврши спроведувањето на проектот „Сончеви училишта“, во рамките на кој се инсталирани фотоволтаични соларни централи на училиштата: „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Свети Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ во селото Кукуречани и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во селото Бистрица.

Проектот носи придобивки за животната средина и ќе придонесе за заштеда на финансиски средства.

– Согласно со договорената динамика, проектот е веќе реализиран и наскоро училиштата ќе може да ги почувствуваат придобивките од поставувањето на соларните централи. Електричната енергија што ќе ја произведуваат овие централи ќе донесе придобивки и за училиштата и за општината, а вкупната потрошувачка на струја и резултатите ќе бидат крајно видливи преку сметките за електрична енергија. Она што ќе го заштедат училиштата во соодветната година, повторно ќе може да се искористи за реализација на проекти за нивните соодветни потреби – објаснија од Општина Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски информираше дека финансиската конструкција целосно е обезбедена од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија.

–Го намалуваме влијанието од енергијата од фосилни горива со чиста и обновлива енергија, а истовремено имаме и заштеди во сметките за електрична енергија. Парите што ќе бидат заштедени, ќе се искористат за подобрување на условите во училиштата. Би истакнал уште една важна компонента, која доаѓа заедно со проектот. Во секое училиште се поставени ТВ-монитори, на кои сите ученици, наставници, вработени во училиштата, но и родителите, ќе може да го следат производството на енергија во моментот – истакна Коњановски.