На 19 декември 2024, со почеток од 18:00 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе биде отворена изложбата „Урбани трансформации“ на младите ликовни уметници: Благојче Наумоски и Јехона Ајрадини.
На изложбата ќе бидат претставени сликарски дела, изработени во акрилна и комбинирана техника.
Во елаборацијата на проектот „Урбани трансформации“ Благојче Наумоски меѓудругото напишал: „Овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде што преку акрилната техника на платно се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот.
Моите дела го истражуваат архитектонскиот јазик на брутализмот преку апстрактна трансформација на просторот, материјалноста и волуменот. Со ова, се стремам да создадам визуелен јазик кој го доловува суровиот карактер на бруталистичката архитектура, притоа истакнувајќи ја моќта на геометријата и минимализмот во контекст на урбаните пејзажи…
Благојче Наумоски е роден на 2. април 1985 година во Кичево. Дипломира во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, педагошки отсег насока сликарство во класата на проф. Рубин Корубин. Во 2009 година тој магистрира од област сликарство кај проф. Јован Шумковски. Од 2007 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во 2009 година станува член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 година е член на колективот АД АКТА. Од 2012 година работи како асистент на Факултетот за Арт и Дизајн при Европскиот Универзитет на Република Македонија. Во 2016 година станува доцент на истиот факултет. Моментално е вонреден професор и продекан на Факултетот за арт и дизајн. Има излагано во Берлин (Германија), Њујорк (САД), Љубљана (Словенија), Париз (Франција), Хаифа (Израел), Прага (Чешка), Софија (Бугарија), Приштина (Косово), Виена (Австрија), Отава (Канада), Тирана (Албанија) и тн. Исто така има учевствувано на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано дваесет и две самостојни и повеќе групни изложби.
Јехона Ајрадини е родена на 1 мај 1985 година во Кичево, РС Македонија. Дипломирала во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со насока Графика со графички дизајн под менторство на професорот Зоран Јакимовски. Магистерски студии (Етнолог-антрополог) Институт за етнологија и антропологија. Во 2007 година, Ајрадини започнува да работи како професор по ликовна уметност во РС Македонија. До 2020 година работи во Албанскиот национален ансамбл во РС Македонија – раководител на уметничката програма.
Своите дела Ајрадини ги има изложено на Меѓународното биенале на карикатури – Албанија, Меѓународната изложба „Магма“ – Турција, „Созерцание“ КИЦ – Скопје, „Тој свет на стрип илустрации“, Град Скопје и „Стрип илустрации на митолошки херои“. Илустратор и автор е на цртежот „Меморија во движење“ – Педагошка алатка за културата на Форум за меморија. Учествувала и во повеќе проекти за недвижно културно наследство во РС Македонија.