Се очекува активностите меѓу универзитетот во Скопје и во Солун да продолжат, при што оваа средба е почетна точка со историски димензии – за првпат, во грчката академска средина, на олку високо ниво се говореше за македонистиката и на македонски јазик. Во својот реферат, професорката на УКИМ Весна Мојсова-Чепишпевска, меѓу другото, детално се осврна на поетското творештво на Рацин, Шопов, Конески, Тодоровски, Матевски, Андреевски и Урошевиќ, во светлината на јубилеите што се чествуваат годинава
Преполн амфитеатар, многу емоции и солзи, но и доволно можности за афирмација на македонистиката на солунскиот Универзитет.
„Секоја граница е тешко да се помине, но мора да се вложат сите сили, и професионални и лични, за да почнат рабoтите да течат кон вистинска соработка. И ние, овде, во Солун, тоа го докажавме. Оваа конференција, на која говориме на македонски за македонскиот јазик, книжевност и култура се темели на некои претходни објави-настани. Меѓу другото, пред 99 години е објавен првиот буквар на македонски народен јазик за македонското национално малцинство во тогашна Грција под наслов „Абецедар“, подготвен од специјална комисија на тогашната грчка влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународно покровителство на ‘Друштвото на народите’ во Женева и отпечатен во Атина на лерински народен говор со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис. А сега, за првпат се случува конференција на олку високо ниво за перспективите за културна соработка на полето на македонскиот јазик. Не смееме да запреме тука!“, кажа универзитетската професорка, Весна Мојсова-Чепишевска во Солун на конференцијата за перспективитe на културна соработка на академско ниво, со фокус ставен на македонскиот јазик. На оваа прва од таков тип конференција во организација на Одделот за балкански, словенски и ориентални студии на Универзитетот „Македонија“ заедно со центарот „Лабораторија: култури, граници, родови“ и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, учествуваа македонски и грчки професори.
Пред присутните – универзитетски професори, преведувачи, истражувачи, писатели и други културни и општествени дејци, Мојсова-Чепишевска говореше за Кочо Рацин, Ацо Шопов, Блаже Конески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ во светлината на јубилеите што се чествуваат годинава. Во својот реферат таа потсети и на македонската книжевна и културна традиција и во претходниот период. Таа говореше на македонски, а паралелно одеше и преводот на грчки, кој за оваа конфренција го направи професорката Александра Јоаниду.
Посочувајќи дека не треба соработката да запре тука, Мојсова -Чепишевска пред присутните, во своето обраќање нагласи дека идната година треба да се одбележат и 100 години од излегувањето на „Абецедарот“ и на ова одбележување треба да се надоврзе и 80 години од: 5 мај 1945 кога се усвојува македонската азбука со што се кодифицира македонскиот јазик и 7 јуни 1945 кога излегува првиот Правопис на македонскиот јазик.
„Македонската азбука ѝ ја отвори широко портата на македонска поезија и на целата македонска книжевност. Рацин во 1939 и Шопов во 1944 сè уште пееја на народен македонски јазик, но и двајцата гореа од љубов кон татковината, кон саканата, кон слободата… И гореа од љубовта кон своите книжевни татковци… Таква љубов кон своите книжевни татковци која прераснува до сериозна стравопочит покажува и Блаже Конески, „патријархот на македонското слово“, како што го нарече грчкиот поет Костас Валетас“, нагласи Мојсова-Чепишевска.
Покрај „Абецедарот“, таа посочи дека конференцијата е во светлината и на други претходни значајни објави. Во 1960, во Ташкент, Узбекистан излегува првиот превод на грчки на „Бели мугри“ од Рацин, направен од Васко Караџа, а во 1978, во Атина излегува преводот на грчки направен од Викторија Теодору. Една година потоа во Атина излегува избор од поезијата на Блаже Конески со предговор на поетот Костас Валетас. Во 2009 во Солун излегува „Современ грчко-македонскиот речник“ подготвен од Васко Караџа.
„Ние како Универзитет, како Филолошки факултет речиси ништо не знаеме за современата грчка книжевност и современата грчка култура (како филм, музика, книжевност за деца), за културата на 21 век… Дајте да си подадеме раце! Затоа, мора силно да работиме на вакви заеднички конференции, работни средби и посети на кои ќе се запознаваме и ќе споделуваме искуства и мислења. Мораме конечно да почнеме да разговараме и да соработуваме. Затоа благодарам до професор Александра Јаоаниду и за ова денес и за сите нејзини заложби во зближувањето на двете култури преку преводите што таа ги направи и ги прави и на книгите на Румена Бужаровска, но и на Кица Колбе, како и преку преводите што ги направи за овој настан, за оваа работна средба“, истакна Мојсова-Чепишевска пред присутните.
Меѓу присутните на настанот имаше и академски граѓани, истражувачи и преведувачи од Грција со македонско потекло, кои во разговорите ги споделија и своите искуства, но и интелектуалци што и без таа доза на емотивна приврзаност, стручно се подготвени да се посветат на македонистиката.
Како што е соопштено се очекува активностите да продолжат, при што оваа средба е почетна точка со историски димензии – за првпат, во грчката академска средина, на олку висок ниво се говореше за македонистиката и на македонски јазик.