Машко лице е уапсено откако двегодишно момче загина во сообраќајна несреќа во Вест Мидлендс, во која учествувало украдено Порше. Полицијата на Вест Мидлендс соопшти дека 30-годишен маж е уапсен под сомнение дека ја предизвикал смртта на момчето со опасно возење, јавува Би-Би-Си.
Несреќата, во која беа повредени уште четири возрасни лица, се случи на патот Дартмут во Сметвик во саботата вечерта. Од полицијата потврдија дека осомничениот е приведен откако добила нови сознанија за судирот.
Момчето и возрасните биле во автомобил „тојота аурис“ кога возилото се судрило со сивото „порше кајен“ некаде пред 23 часот по локално време. Според детективите, возачот на поршето, украдено претходно во декември, побегнал од местото на несреќата. По судирот жена (29) и маж (30) се во тешка состојба во болница, соопшти полицијата.
Патот беше затворен во двете насоки додека реконструкторите на несреќата го испитуваа местото на настанот, но оттогаш е повторно отворен. Полицијата верува дека украдениот автомобил возел од кружниот тек на Кенрик Веј. Жителите велат дека тоа е жариште на трки со автомобили.