Да се забрани греењето на нафта, лесни масла, јаглен, мазут, кокс, да има мониторинг на прашината при изведување на градежни работи на објекти…

29

Во барањето до градските советници и до скопската градоначалничка Данела Арсовска од „О2 Иницијатива“ нудат нов поинаков пристап во решавање на аерозагадувањето во Скопје и носење на серија одлуки што ќе ги вклучат сите субјекти кои го креираат аерозагадувањето во градов, со зададени јасни рокови и доволно време сите навремено да ги извршат потребните приспособувања

 

„О2 Иницијатива“ доставила барање до сите градски советници и до скопската градоначалничка Данела Арсовска за нов поинаков пристап во решавање на аерозагадувањето во Скопје и носење на серија одлуки што ќе ги вклучат сите субјекти кои го креираат аерозагадувањето во градов, со зададени јасни рокови и доволно време сите навремено да ги извршат потребните приспособувања.

Од „О2 Иницијатива“ бараат да се забрани греењето на нафта, лесни масла, јаглен, мазут, кокс во град Скопје и тоа да стапи на сила, на 1.10.2026 година за домаќинствата, а од 1.10.2028 година за сите други објекти. Потоа, домаќинствата кои ќе останат да се греат на дрва во град Скопје како и другите субјекти кои ќе користат дрва за греење и/или како енергенс, а тоа се најчесто погони од дрвна индустрија, да мораат да постават филтри. Оваа мерка бараат да стапи на сила од 1.1.2027 година за правните субјекти и домаќинствата во урбаните делови на град Скопје,  додека од 1.1.2029 година за домаќинствата во руралните делови на градот.

Освен тоа, меѓу барањата е и тоа во периодот од 1 октомври до 1 мај, но и во останатиот дел од годината во денови со загаденост за ПМ10 над 50 μг/м3 и за ПМ2.5 над 25 μг/м3, кога ќе бидат измерени на најмалку две мониторинг станици во Скопје, да можат да сообраќаат само возила од прва еколошка категорија, со зелена налепница, согласно Законот за возила. Исклучок ќе бидат возилата проектирани и изработени исклучиво за потребите на Армијата на Република Македонија, полицијата, брзата помош, противпожарните служби, возилата на потполно глуви лица со потврда за членство од Националниот сојуз за глуви лица, на лица заболени од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплемија, детска парализа (полиомиелитис), слепите лица со оштетување на видот над 90%, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување од 80% утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на РСМ. Оваа мерка, бараат да стапи на сила од 1.10.2026 година.

Исто така од „О2 Иницијатива“ бараат да се забрани користење на мазут, нафта, лесно масло, јаглен, кокс, петрол кокс како енергенс во индустриските/производни погони, мали, средни и големи, со и без елаборати за заштита на животната средина, Б – интегрирани еколошки дозволи, А – интегрирани еколошки дозволи, во град Скопје, онаму каде производниот процес го дозволува тоа и каде најдобро достапните техники укажуваат на можност за користење на гас или електрична енергија (примарно од обновливи извори). Оваа мерка бараат да стапи на сила од 1.1.2030 година.

Едно од барањата е и поставување на систем од камери кои ќе ја покријат Скопската котлина со 24-часовен надзор за секаков вид палење, и службите како пожарникарската, ќе одговорат веднаш на терен и ќе добијат помош од локалната полиција. Дополнително, поставување на видео надзор над хроничните точки во градов каде редовно се пали отпад на отворено, со цел полесно идентификување и санкционирање на лицата кои извршуваат казниво дело, како и брзо гаснење на веќе појавените пожари. Оваа мерка тие бараат да стапи на сила од 1.1.2026 година.

Бараат и организирано бесплатно собирање на остатоците од бербата, органскиот отпад од службите на Град Скопје, негово компостирање во градски компостари, а за возврат граѓаните да добијат околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми доставен отпад.

– Оваа мерка беше спроведувана од град Скопје во текот на 2019 и 2020 година и треба да се врати подобрена на сила од 1.1.2026 година – велат од „О2 Иницијатива“.

Оттаму, исто така бараат и компанијата која изведува градежни активности на објекти да има поставено константен мониторинг на прашината (вкупна, ПМ10, ПМ2,5), а тоа да стапи на сила од 1.1.2026 година.

– Со овие одлуки ќе бидат опфатени сите извори на аерозагадувањето во град Скопје и нивното спроведување ќе доведе до намалување во законски зададените граници, кои за кратко време ќе бидат двојно или повеќе пати пониски од сегашните, согласно новата ЕУ Директива за квалитетот на амбиентниот воздух – нагласуваат од „О2 Иницијатива“.

Тие очекуваат советниците и градоначалничката да покажат зрелост и одговорност и да постапат во најдобриот интерес на граѓаните и нивното здравје, особено во интерес на децата од овој град, без оглед на која партија/група припаѓаат.

Од „02 Иницијатива“ сметаат дека со оглед на климатските услови, географската положба и урбанизацијата на Скопје, потребно е адресирање на различните извори на аерозагадување во градов. Во зимските месеци, според студијата од 2021 година за која се вршени дневни мерења во тек на една година на две локации во Скопје – кај мониторинг станицата во Карпош и во Лисиче, утврдено е дека: на согорување на дрва и дрвна маса отпаѓа околу 50-60%, на согорување на нафта и мазут, за греење или како енергенс во индустријата, отпаѓа помеѓу 12% до 16%, на сообраќај отпаѓа меѓу 11% до 14% како заднинско урбано загадување, но во близина на сообраќајниците и до 34%.

Во месеците од април-јуни, на горење на отпад на отворено отпаѓа помеѓу 19% до 35%. Во летните месеци на градежна, почвена прашина отпаѓа и до 46%. Вон грејната сезона, на индустријата/производните погони отпаѓа помеѓу 16% до 48%.

(А.П.)