Со пригодни свечености ОУ „Св. Климент Охридски“ од Драчево денеска го одбележа својот јубилеј на 100 годишно постоење. На свечената академија беше посочено на долгогодишната историја и просветно едукативниот процес, но и како место на најубави спомени од училишното детство на многу генерации.
Покрај тоа, при прославата на овој значаен јубилеј беше посочено на инвестирањето во подобри услови за учениците. Во таа насока оди и изградбата на новиот современ училиштен објект којшто е во напредна фаза и ќе значи современа едукативна иднина за сегашната и идните генерации.
Во рамките на празнувањето се придружи и Агенцијата „Елиата“ од Скопје и Ѓорги Чачкиров, наставник по моделарство и инструктор за основна обука на пилоти, кои што на училиштето му подарија 100 книги, насловени „Со малку труд многу радости“ и „Како летаат авионите“. Автор на книгите е самиот Чачкиров кој посочи дека во првата книга се едуцираат најмладите генерации во насока на екологијата и кон тоа дека отпадот не е секогаш шут!
– Постојат многу дрвени хартиени и други отпадни материјали од коишто може да се изработуваат разновидни модели и макети, како што се куќарки за птици, летачки и ракетни модели, макети на објекти и низа друго. Едновремено книгата претставува и своевиден насочувач кон техничкото и креативно воспитување на најмладата училишна популација. Насловот на втората книга, сам за себе, говори за нејзината содржина – истакна Чачкиров.
При оваа посета Чачкиров, сега веќе и долгогодишен воздухопловен хроничар и истражувач, се присети и на еден историски настан. Имено, во рамките на првите повоени активности на скопскиот аероклуб, во ова училиште била формирана првата воздухопловно моделарска секција, надвор од централното градско седиште.
– Во рамките на нејзините активности, во месец март 1949 година била организирана голема изложба и приказ на летови на воздухопловни модели. На неа присуствувале над 500 посетители од Драчево и градот Скопје, што е импозантана бројка за тој период. Раководител на целата манифестација бил македонскиот воздухопловен доајен – пилот, Славко Димитровски, во соработка со раководниот и наставниот кадар од ова училиште. Значењето на манифестацијата било потврдено и со присуството на претседателот на тогашна НР Македонија, Лазар Колишевски – истакна Чачкиров.
Во име на ООУ „Св. Климент Охридски“ – Драчево, подарените книги ги прими и се заблагодари директорката на училиштето Елена Симоновска. При тоа таа организираше и куса обиколка низ училишниот двор и објектите во рамките на училиштето.