ЗНАМ официјално утре ќе понуди до сите парламентарни партии национална платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, објави претседателот на партијата, Максим Димитриевски, вчера, на свечената академија што се одржа по повод една година од постоењето на партијата. Целта на оваа платформа, како што рече Димитриевски, е да ги обедини сите политички фактори, да изгради државен став со кој ќе се обезбеди и ќе се гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на стратешките цели – полноправно членство во Европската Унија.
– Време е да ја вратиме Македонија на крушевските принципи, така како што пишува и пишале во Манифестот. ЗНАМ нуди платформа за национално обединување, за заедничко градење силна, моќна, слободна и европска Македонија, во која сите граѓани се еднакви во правата и во одговорностите кон идните генерации. За мир, слобода и за вистински соживот. Земја што му обезбедува на секој граѓанин спокој, можност за развој и чувство на достоинство. Ве повикувам да се сплотиме околу заедничките вредности. Доста е поделби, раздор и непочитување. Македонија е сè што имаме – рече претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Димитриевски рече дека очекува сите да ја разгледаат и да ја прифатат платформата во целост, бидејќи, како што рече, таа ќе биде добра за сите што живеат во државата.
– На Македонецот, ваквата иницијатива ќе му овозможи да не се чувствува како граѓанин од втор ред, бидејќи македонскиот народ де факто ја создаде Македонија заедно со другите делови од народи што живеат на овие простори, како што се нарекуваат во Уставот, етнички заедници – рече Димитриевски во одговор на новинарски прашања.
Нема повеќе отстапки на патот кон ЕУ
Димитриевски е на иста линија со премиерот Христијан Мицкоски, дека Македонија нема да прави повеќе отстапки на патот за членство во Европската Унија, затоа што досега направила отстапки како ниту една друга држава во ЕУ. За ова прашање, вели тој, премиерот има целосна поддршка од ЗНАМ.
– Џабе ми е мене, како Македонец, какво било членство во меѓународна организација ако не се чувствувам во тој момент ништо помалку од Македонец. Секој Македонец што ќе биде соочен со ова прашање во текот на евроинтегративниот процес, ќе ви каже „не“ доколку треба да се погазат нашите идентитет, култура и континуитет – рече Димитриевски во одговор на новинарско прашање по прославата на едногодишнината од формирањето на ЗНАМ.
Во врска со информациите дека министерката за надворешни и европски работи на Словенија рекла оти Словенија и Германија подготвиле нон-пејпер што предвидува дека во претпристапниот процес на Европската Унија нема можност за вето или блокада поради билатерални прашања, Димитриевски рече дека поддржува вакви и слични иницијативи, кои ќе се вратат на основите на формирањето на Унијата.
– Поддржувам силно вакви иницијативи. Всушност, таквите барања се во духот на Шуман и Моне, како елементарна матрица за основање на ЕУ, бидејќи тоа е идејата на Унијата да се заштитат помалите во однос на поголемите. За жал, во моментов, согласно со поставеноста и постојните правила во ЕУ, секогаш поголемите ги користат моментите, како членки на ЕУ, да ги решат билатералните прашања. Нашето прашање со Бугарија е отворено и наметнато од една страна, тоа е нивната страна и во континуитет негациите доаѓаат оттаму – рече лидерот на ЗНАМ.
Повторно да се сплотат партизаните и комитите
Претходно, тој во својот говор се осврна и на членството во Европската Унија како единствена алтернатива за која се залага ЗНАМ, но со зачувување на македонските национални интереси.
– Ние, како македонски народ, ниту можеме, ниту, пак, смееме да се откажеме од македонските национални интереси. На патот кон Европа, мораме да ги зачуваме достоинството и самобитноста. Таму сакаме да влеземе со високо крената глава, како и сите други, согласно со копенхашките принципи и критериуми. Ние од ЗНАМ први го промовиравме ставот дека може да има уставни промени, но со одложено дејство. Или, да преведам, гаранции за нашите идентитет, јазик, историја, култура мора да има – рече Димитриевски.
Претседателот на ЗНАМ се осврна и на претседателската кампања, кога, како што потсети, кажал една реченица, дека, можеби, е дојдено време во Македонија повторно да се сплотат и спојат, како што рече, партизаните и комитите, како што некогаш, во Втората светска војна, нашите предци го направиле тоа.
Димитриевски во говорот рече дека ЗНАМ влегло во Владата врз база на својата програма, која стана дел од владината програма и дека, како дел од Владата, побарале и добиле одговорни и, можеби, најтешки ресори. Движење ЗНАМ – За наша Македонија е најбрзорастечка сила на политичката сцена во државата, рече лидерот на партијата.
Не сме во Владата за неколку фотелји
– Ние не сме во Владата за неколку фотелји. Ние сме во Владата да преземеме одговорност, да бидеме фактор на стабилност, да креираме свои политики, да го подобриме животниот стандард на граѓаните, да изградиме законска и безбедна држава, да изградиме вистински соживот, да обезбедиме правда, да направиме реформи и да обезбедиме идните поколенија да останат тука, на оваа грутка земја, затоа што без нашите деца, Македонија ја нема. Храбро се фативме во костец со затечените проблеми и, како што нè личи нас од ЗНАМ, решително се справуваме со нив. Затоа што, за нас, зборот е збор, а испорачаниот резултат е императив – рече Димитриевски во своето обраќање.
Тој ги повтори и петте главни столба на ЗНАМ, кои беа основните принципи, но и визијата за во Владата: интеграција на Република Македонија во Европската Унија, Македонија како современа, демократска, модерна, европска држава, втемелена на илинденските и на АСНОМ-ските вредности, Македонија како самоодржлива држава, како држава што испорачува правда за сите граѓани, која промовира нулта толеранција кон политичкиот криминал, корупцијата и ефикасна борба против организираниот криминал, како и стабилни меѓуетнички односи како столб на македонската држава.
– Овие ставови јасно ја определуваат Македонија како национална држава на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во неа, припадници на различни етнички заедници. Меѓутоа, сакам да нагласам дека, за нас, е важно секој што живее тука, секој граѓанин на Република Македонија, да ги почитува симболите на државата: знамето, химната, грбот, јазикот и да работи за доброто на државата и на сите нас заедно. Не може и не смее да се дозволи во Република Македонија, Македонците, како народ кој ја основал оваа држава, во неа да се чувствуваат како граѓани од втор ред. Ние ја подаваме раката кон сите што живеат во Македонија, зашто само заедно и обединети можеме да одиме напред – порача лидерот на ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, на свечената академија што се одржа по повод една година од постоењето на партијата.
Претседателот на ЗНАМ се задржа и на членството на Македонија во НАТО, кое е гаранција за територијалниот и безбедносен интегритет на државата.
– Тука би сакал да ги потенцирам односите со нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Тие помогнаа во формирањето на македонската држава и покажаа дека, како наши пријатели во многу критични моменти за нашата држава, можеме да сметаме на нивната помош во решавањето на проблемите со кои се соочуваме, особено во меѓуетничките и меѓународните односи. Тие, за нас, беа тука кога се пишуваше и Охридскиот рамковен договор. Во оваа пригода би сакал да истакнам дека, за нас, од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Охридскиот рамковен договор е целосно реализиран, исполнет и исцрпен. Се надевам дека соработката со нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, ќе продолжи со зголемен интензитет, ќе се надградува, ќе се продлабочува и ќе придонесе нашите односи да бидат на највисоко ниво меѓу двата пријателски народа – рече лидерот на ЗНАМ.
Димитриевски истакна дека изградени на темелите на Илинден и на АСНОМ, со своја автохтона, сопствена идеологија, ЗНАМ го слави првиот роденден и, за нив, Крушевскиот манифест, Декларацијата на АСНОМ биле и секогаш ќе останат светост и нема откажување од тоа.
– Направивме нешто што досега никому не му успеало. Во краток период, на крилата на десетина граѓански здруженија, чиј никулец беше во Куманово, успеавме да создадеме партија чии корења се шират низ цела Македонија. Успеавме да креираме политики, да создадеме програмска платформа, да понудиме конкретни решенија, да излеземе пред граѓаните на претседателските и на парламентарните избори, да ја добиеме соодветната поддршка и да освоиме шест пратенички места во Собранието на Република Македонија – порача претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
На академијата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, претставници на Владата и на Собранието, на дипломатскиот кор, сопартијци, симпатизери и поддржувачи на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. (В.С.Н.)