Пријатното чувство дека се доближува Нова година сакаме да го надополниме и преку уживање во некое ново филмско остварување што се прикажува во градските кина или, пак, дома, преку стрим-платформите. А, љубителите на филмови, и оние најмалите и возрасните, ќе може да гледаат повеќе наслови во различни жанрови…

„Дедо Мраз суперхерој“

Анимираниот филм „Дедо Мраз суперхерој“ (SuperKlaus) во деновите пред Нова година ќе биде интересен како за децата така и за возрасните, а може да се гледа во скопските кина. Во него, желбата на Дедо Мраз се остварува кога случајно ќе си ја удри главата и ќе почне да верува дека е суперхерој. Со помош на Били и Лео, неговиот елф –извршен асистент, Дедо Мраз суперхеројот ќе се соочи со бизнисмен опседнат со играчки за да го спаси Божиќ. Гласовите ги позајмуваат Колм Феоре, Харланд Вилијамс, Мили Дејвис, Пол ван Дајк, а режисери се Стив Мажаури и Андреа Себастија.

„Господарот на прстените: Војната на Рохирим“

Сместен 183 години пред настаните опишани во оригиналната трилогија „Господарот на прстените“, анимираниот филм „Војната на Рохирим“ (The War of the Rohirrim) ја раскажува судбината на куќата на Хелм Хамерхенд, легендарниот крал на Рохан. Ненадејниот напад на Вулф, умен и безмилосен господар на Данлендинг кој бара одмазда за смртта на својот татко, ги принудува Хелм и неговиот народ да направат отпор во античкото упориште Хорнбург – моќна тврдина што подоцна ќе стане позната како Хелмс Дип. Режијата е на Кенџи Камијама, а гласовите ги позајмуваат Брајан Кокс, Миранда Ото, Лук Пасквалино, Шон Дули, Гаја Вајс. Љубителите на познатата франшиза веќе можат да уживаат во најновата приказна од оваа сага на големото платно.

„Дражен“

Хрватскиот биографски игран филм „Дражен“ (Dražen) кој го следи животот на кошаркарскиот гениј што израсна во Шибеник, а потоа ги освои и Европа и САД, Дражен Петровиќ, ќе сакаат да го гледаат сите љубители на кошарката. Остварувањето, кое може да се види на големото платно, дава приказ на неговите најважни животни моменти. Филмот ги истражува непопустливата решителност на Дражен, длабоката поврзаност со неговото семејство и огромната страст за кошарката – спортот што го доведе до бесмртност. Во филмот играат актерите Домагој Нижиќ, Драган Миќановиќ, Зринка Цвитешиќ, Ромина Тонковиќ, Валентин Перковиќ, а режисер е Данило Шербеџија.

„Крејвен ловецот“

Во кината, деновиве може да се гледа и акцијата „Крејвен ловецот“ (Kraven The Hunter), во која рускиот имигрант Сергеј Кравинов е ловец на дивеч, кој зема магичен серум што му дава натчовечки способности и подолг живот. Комплексната врска со својот безмилосен татко го наведува на одмазда со брутални последици, мотивирајќи го да стане не само најголемиот ловец на светот туку и еден од најстрашните… Во филмот улогите ги толкуваат Расел Кроу, Арон Тејлор-Џонсон, Кристофер Абот, Алесандро Нивола, Аријана де Бозе, а режијата е на J.C. Шандор.

„Волјата синова“

Српската авантура „Волјата синова“ (Volja sinovljeva), пак, ќе може да се гледа наскоро на големото платно. Во неа, по нуклеарна катастрофа, Јован патува по разрушената земја во потрага по сестра си. Тој се вљубува во девојката Анѓелија и со нејзина помош доаѓа во Градот, каде што ќе биде принуден да заземе страна во решавачката битка за иднината на цивилизацијата. Улогите ги толкуваат: Сергеј Трифуновиќ, Жарко Лаушевиќ (како наратор), Јово Макшиќ, Петар Бенчина, Игор Бенчина, Исидора Симијоновиќ, Милица Јаневски, а режијата е на Немања Ќераниќ.

„Соник: Супереж 3

За младите филмофили, наскоро во кината пристигнува и анимираната авантура „Соник: Супереж 3“ (Sonic the Hedgehog 3). Во неа, Соник, Наклс и Тејлс се повторно заедно за да се соочат со нов и застрашувачки непријател: Шeдоу, мистериозен негативец со темни сили со какви што никогаш не се сретнале. Во филмот улогите ги толкуваат и гласовите ги позајмуваат Идрис Елба, Џим Кери, Кијану Ривс, Џејмс Марсден, а режисер е Џеф Фаулер.

„Подобар човек“

Животот и искуствата на планетарно познатиот англиски поп-пејач Роби Вилијамс претставени на филм ќе може љубителите на филмови да ги проследат во кината пред Нова година. Остварувањето е насловено  „Подобар човек“ (Better Man) и жанровски е биографска драма со елементи на мјузикл. Во филмот, улогите ги толкуваат: Алисон Стедман, Роби Вилијамс, Дејмон Хериман, Ентони Хејс, Стив Пембертон, Кејт Мулвани, Џоно Дејвис, Рејшел Бано, а режисер е Мајкл Грејси. (Н.И.Т.)