Ќе се прочистува списокот на приматели, не може некој вечно да биде социјален случај. Од Владата велат дека има многу злоупотреби во системот на исплата и оти социјална помош примале и оние што се починати и оние што се иселени од државата. Бизнисот ја поздрави ваквата одлука, која, како што вели, ќе даде одговор на многу прашања, колку од невработените се навистина невработени, односно колку од нив се приматели на социјална помош и лица што работат во сивата економија
Ќе се прочистува списокот на приматели на социјална помош. Од Владата велат дека има многу злоупотреби во системот на исплата и оти социјална помош примале и оние што се починати и оние што се иселени од државата. Бизнисот, кој одамна бара да се види колкав е бројот на оние што работат на црно и што земаат социјална помош, ја поздрави оваа одлука на Владата. Тие велат дека има над 100 илјади невработени во државата, од кои најголем дел се приматели на социјална помош и кои не прифаќаат работа само за да не ја загубат социјалната помош.
Премиерот Христијан Мицкоски најави две реформи во сферата на социјалната заштита. Првата ќе биде изготвување софтверско решение што јасно ќе детектира кои корисници на социјална помош го злоупотребуваат системот, а втората ќе биде издавање платежна картичка со која примателите на социјална помош ќе користат 50 отсто од сумата за купување македонски производи.
– Досега се евидентирани голем број злоупотреби. Некои лица примале социјална помош и до 60.000 денари месечно, некои се починати, некои долго се отсутни од државата. Има големи злоупотреби во центрите и од службеници. Дел се веќе санкционирани, против дел се поведени кривични постапки – рече Мицкоски и додаде дека се подготвува софверско решение на кое се работи заедно со Светска банка.
Премиерот рече дека мора да се направи таа реформа бидејќи имаме многу парадокси. Има градови каде што бројот на приматели на разна социјална помош или придонесите што се плаќаат за неосигурени лица е поголем од бројот на жители.
Од бизнисот го поздравија овој чекор на Владата и велат дека мора да се стави ред и да се знае точно колку од невработените работат на црно и земаат социјална помош.
– Од овие 100 илјади невработени, најголем дел работат на црно. Но, има и такви што се надвор од Македонија и се водат како невработени само да ги задржат социјалната помош и другите бенефиции од државата. Ја поздравуваме одлуката за прочистување на списокот на приматели на социјална помош. Се надеваме дека државата, конечно, ќе направи нешто по ова прашање, односно ќе направи дигитална евиденција на сите приматели на социјална помош и да се види кај се тие луѓе и како живеат само од социјална помош – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Тој додава дека ако некој што се води како социјален случај одбие да работи, да му се укине социјалната помош. Не може социјална помош да се прима вечно.
И Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија смета дека невработените што земаат социјална помош не сакаат да бидат пријавени за да не им се прекине социјалната помош.
– Треба да има поголема контрола од државата, да се види кои се приматели на социјална помош и како живеат тие со социјална помош. Не може да има пасивни баратели на работа. Ако имаш пасивен барател на работа, тоа значи дека тој работи некаде и Агенцијата не треба да му бара работа, туку треба да го избрише од евиденцијата. Така ќе се мотивира да бара работа, а не да зема пари од државата и да работи на црно. На тој начин ќе се намали и сивата економија во државата, ќе се намали стапката на невработеност, а ќе добијат и државата и работодавците – изјави Пешевски за весникот ВЕЧЕР.
Во Германија им се укинува надоместокот за невработеност на оние што ќе одбијат работа, а ние сè уште не знаеме колку од невработените се навистина невработени, односно колку од нив се приматели на социјална помош и лица што работат во сивата економија.
(А.С.)