Националната установа Музеј Куманово месецов преку повеќе активности и настани ќе одбележи 60-години од основањето.

– Музејот е еден од најзначајните културни центри на нашата република, и има долгогодишна традиција во собирање, чување, истражување, документирање и презентирање на културното наследство на Куманово и неговата околина. Во континуиран растеж, преку своите изложби, промоции, едукативни програми и други културни и уметнички активности, НУ Музеј Куманово ја докажува својата трајна посветеност кон збогатувањето на идентитетот на Куманово и Македонија, вели Марија Живачки, в.д. директорка на оваа национална установа.

По повод 60-годишниот јубилеј, Музеј-Куманово подготви специјална програма за граѓаните и љубителите на културата, во рамки на која од почетокот на месецов беше реализирана изложбата „Сеќавања на археолозите Блажо Ѓеорѓиевски, Ленка Трајковска и Јовица Станковски, Уметничка галерија Куманово“.

Изложба ќе има и светскиот реномиран академски уметник, Синиша Кашавелски, кој ќе изложи свои дела од 16 до 20 декември. Самата установа во уметничка галерија Куманово ќе ја презентира изложбата за развој на музејот и неговите постигнувања на 21 декември. Кумановци ќе имаат можност да ја проследат и изложбата 50 години јубилеј Ликовна колонија „Куманово“ (1974-2024), уметничка галерија, од 25 декември сè до 23 јануари, идната година. Во чест на јубилејот Музејот организира бесплатен влез на постојаната музејска поставка во тек на цел декември.

– Национална установа Музеј-Куманово останува посветена на својата мисија и во иднина да ја пренесува културната меморија на идните генерации. Јубилејот не е само време на прослава туку и можност за поставување на нови цели и уште поголем придонес кон културата и културното наследство, додава Живачки.

Музејот е основан во 1964 година и оттогаш преку своите изложби и активности, игра важна улога во чувањето на историските сведоштва, уметничките и етнолошките колекции. Тој е дом за бројни археолошки, етнолошки, историски и уметнички предмети кои ги отсликуваат различните периоди од развојот на овој регион. Со настаните организирани во чест на јубилејот се слават значењето и придонесот на установата за развој на македонската култура.