Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите угостители што организираат предновогодишни и новогодишни дневни или вечерни прослави и продаваат влезници (резервации) и/или ваучери, дека се должни да издадат фискална сметка при нивната продажба, согласно со член 2 од Законот за регистрирање готовински плаќања.
– Оваа обврска, секако, се однесува и на сите други угостители што ќе остварат готовински промет за други угостителски услуги, да го регистрираат преку одобрен фискален систем и да издаваат фискални сметки за крајните корисници на услугите. Воедно, ги потсетуваме даночните обврзници – угостители што ќе ангажираат музичари или естрадни уметници во наредниот период како физички лица, да склучат договори за извршување повремени или привремени услуги и да го пријават и да го платат данокот преку системот на УЈП – повикуваат од УЈП.
Исто така, ги повикуваат угостителите да постават соопштение на видно место, со кое ќе се информираат потрошувачите за својата обврска да бараат фискална сметки и да ја чуваат по напуштање на местото на прометот на доброто, поради контрола.
Потрошувачите на добра, односно корисниците на услуги, при купувањето, должни се „да побараат фискална сметка и секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници, кои не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки“.
За угостителите што нема да издаваат фискални сметки или нема да ги почитуваат законските обврски, ќе бидат преземени соодветни мерки и поведени прекршочни постапки согласно со Законот за прекршоци, Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП) и Законот за даночна постапка (ЗДП), и тоа преку издавање прекршочен платен налог.
Стопанствениците регистрирани даночни обврзници што закупиле штандови за продажба на пијалаци, храна и на други производи на организиран простор за прослава за претстојните празници, имаат обврска да користат одобрен фискален апарат, во доволен број, и за секоја услуга, односно за секоја продажба, да издаваат фискална сметка. Воедно, во книгата на дневни финансиски извештаи да го евидентираат остварениот промет за секоја фискална каса навремено, а најдоцна наредниот ден да го уплатат дневниот промет на трансакциска сметка кај носителот на платен промет.
– Испраќаме апел и до сите физички лица што ќе вршат дејност од времен карактер, како дел од базари или новогодишни и божиќни настани на отворен или на затворен простор, а сè уште се немаат усогласено со Законот за данок на личен доход (ЗДЛД), да поднесат барање за паушално плаќање на данокот од вршење дејност од времен карактер, во подрачната единица на УЈП каде што ја вршат дејноста, со цел да им се издаде решение со утврдени аконтации на данокот на личен доход и налози за плаќање на данокот за остарениот приход во периодот додека ја вршеле дејноста – велат од УЈП.