ЗНАМ официјлано утре до сите парламентарни партии ќе понуди Национална платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, објави денеска претседателот на партијата Максим Димитриевски на Свечената академија што се одржа по повод една година од постоењето на партијата. Целта на оваа платформа, како што рече Димитриевски, е да ги обедини сите политички фактори, да изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на стратешките цели – полноправо членство во Европксата унија.
-Време е Македонија да ја вратиме на Крушевските принципи, така како што пишува и пишале во манифестот. ЗНАМ нуди Платформа за национално обединување, за заедничко градење на силна, моќна, слободна и европска Македонија, во која сите граѓани се еднакви во правата и одговорностите кон идните генерации. За мир, слобода и вистински соживот. Земја која на секој граѓанин му обезбедува спокој, можност за развој и чувство на достоинство. Ве повикувам да се сплотиме околу заедничките вредности. Доста е поделби, раздор и непочитување. Македонија е се што имаме, рече претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Тој во својот говор се осврна и на членството во Европската унија како единствена алтернатива за која се залага ЗНАМ, но со зачувување на македонските национални интереси.
-Ние, како македонски народ, ниту можеме, ниту пак смееме да се откажеме од македонските национални интереси. На патот кон Европа мораме да го зачуваме достоинството и самобитноста. Таму сакаме да влеземе со високо крената глава, како и сите други, согласно копенхашките принципи и критериуми. Ние од ЗНАМ први го промовиравме ставот дека уставни промени може да има, но со одложено дејство. Или, да преведам, гаранции за нашиот идентитет, јазик, историја, култура мора да има, рече Димитриевски.
До премиерот Христијан Мицковски, кој присуствуваше на свечената академија, лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија испрати порака дека ги чека голема работа, а ЗНАМ се „тука да го поддржиме овој концепт и секогаш ќе го поддржуваме кога се работи за подобра иднина на македонскиот народ на граѓаните на Македонија и на наша Македонија“.
Претседателот на ЗНАМ се осврна и на претседателската кампања, кога, како што потсети, кажал една реченица, дека можеби е дојдено времето во Македонија повторно да се сплотат и спојат, како што рече, партизаните и комитите, како што некогаш во втората светска војна нашите предци го направиле тоа.
Димитриевски во говорот рече дека ЗНАМ влегоа во Владата врз база на својата Програма која стана дел од владината програма и дека како дел од Владата побаралее и добиле одговорни и можеби најтешки ресори. Движење ЗНАМ – За наша Македонија е најбрзорастечката сила на политичката сцена во државата, рече лидерот на партијата.
-Ние не сме во Владата за неколку фотељи. Ние сме во Владата да преземеме одговорност, да бидеме фактор на стабилност, да креираме свои политики, да го подобриме животниот стандард на граѓаните, да изградиме законска и безбедна држава, да изградиме вистински соживот, да обезбедиме правда, да направиме реформи и да обезбедиме идните поколенија да останат тука, на оваа грутка земја, затоа што без нашите деца Македонија ја нема. Храбро се фативме во костец со затекнатите проблеми, и како што не личи нас од ЗНАМ решително се справуваме со истите. Затоа што за нас зборот е збор, а испорачаниот резултат е императив, рече Димитриевски во своето обраќање.
Тој ги повтори и петте главни столба на ЗНАМ, кои беа основните принципи, но и визијата за во Владата – интеграција на Република Македонија во Европската Унија, Македонија како современа, демократска, модерна, европска држава, втемелена на илинденските и на асномските вредности, Македонија како самоодржлива држава, како држава што испорачува правда за сите граѓани, која промовира нулта толеранција кон политичкиот криминал, корупцијата и ефикасна борба против организираниот криминал, како и стабилни меѓуетнички односи како столб на македонската држава.
-Овие ставови јасно ја определуваат Македонија како национална држава на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во неа, припадници на различни етнички заедници. Меѓутоа, сакам да нагласам дека за нас е важно секој што живее тука, секој граѓанин на Република Македонија, да ги почитува симболите на државата – знамето, химната, грбот, јазикот и да работи за доброто на државата и на сите нас заедно. Не може и не смее да се дозволи во Република Македонија, Македонците, како народ кој ја основал оваа држава, во неа да се чувствуваат како граѓани од втор ред. Ние ја подаваме раката кон сите што живеат во Македонија, зашто само заедно и обединети можеме да одиме напред, порача лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски, на Свечената академија што се одржа по повод една година од постоењето на партијата. (В.С.Н.)