Слаб снег провејува на Попова-Шапка и на преминот Пресека

24

На Попова Шапка и планинскиот премин Пресека провејува снег со слаб интензитет, кој засега не се задржува на коловозот, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Сообраќајот на државните патишта се одвива редовно, во зимски услови, а коловозите се главно влажни. Сите патни правци се проодни и нема забрани или ограничувања за движење.

АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да возат внимателно. Особена претпазливост се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои ризик од одрони. Меѓу потенцијално ризичните делници се наведуваат: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Возачите се потсетуваат дека зимските услови бараат дополнителна подготвеност, како и задолжителна зимска опрема за непречено и безбедно патување.