Вниманието на странскиот печат е насочено кон случувањата во Сирија по падот на режимот на соборениот претседател Башар ал Асад, како и на последиците од тековната израелска војна во Појасот Газа.
Во написот во американскиот весник „Вашингтон пост“ се наведува дека падот на Асад, девет години откако Русија го спаси неговиот режим, „го понижи рускиот претседател Владимир Путин и е значаен удар за неговата цел да ја трансформира Русија во глобална сила која може да се натпреварува со САД“.
Задача за Израел
Според истиот напис, Русија брза да „го спаси oбразот по понижувачката загуба на нејзиниот партнер Башар ал Асад“, истакнувајќи дека Кремљ признал дека зачувувањето на нејзините воени бази во Сирија ќе потрае некое време, како и преговорите со групите кои Москва пред само неколку денови ги класифицираше како „терористички“.
Израелскиот весник Yedioth Ahronoth објави дека Израел се подготвува за голема задача во наредниот период, која би можела да ја има поддршката од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Израелската војска, според весникот, работи на ажурирање на плановите за напад на нуклеарни постројки во Иран.
Весникот, исто така, откри дека од избувнувањето на војната, израелските воздухопловни сили фрлиле околу 83.000 бомби на различни фронтови, од кои повеќе од 1.800 тешки бомби биле фрлени врз цели на сириската војска во рок од една недела, уништувајќи околу 80 отсто од системот за воздушната одбрана на Сирија.
Ветувачка, но и нејасна иднина
Францускиот весник „Монд“ се фокусираше во својот уводник на, како што ја опиша, „шокантно брзата реакција на европските земји во врска со прашањето за сириските бегалци и замрзнувањето на сегашните процедури за азил“.
„Сè уште е рано да се знае каков вид на институционален систем може да се појави во Дамаск по шокантниот крај на диктатурата на Башар ал Асад“, пишува весникот. Тие посочија дека постигнувањето стабилност што води до обнова на Сирија е единственото нешто што ќе го овозможи враќањето на бегалците.
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, рече дека иднината на Сирија сега е многу ветувачка, но сѐ уште нејасна. Во британскиот весник „Гардијан“ таа додаде дека европскиот пристап кон ХТС ќе се заснова на одредени услови, вклучувајќи непрактикување екстремизам и одмазда. Европскиот функционер смета дека за оваа рана фаза е важно „да се проценат дејствијата и насоката на Сирија, а не признавањето на преодната влада“.
Кризата во Газа
Швајцарскиот весник Le Temps го истакна, како што го нарече, германскиот парадокс во однос на Израел. Се вели дека Германија му пружила силна поддршка на Израел од нападот на 7 октомври 2023 година.
Хуманитарната криза во Газа и налозите за апсење издадени од Меѓународниот кривичен суд против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, го ставија Берлин во незавидна положба.
И додека некои ја обвинуваат владата на канцеларот Олаф Шолц дека не прави доволно, гласовите се креваат против испораката на оружје за Израел, според Le Temps.