Фудбалската јавност беше и повеќе од изненадена откако Дидие Дешам не го повика Килијан Мбапе во француската репрезентација. Тогаш Дешам се обиде да објасни зошто го направил тоа, но во медиумите брзо се појави информација дека ситуацијата меѓу селекторот на Франција и Мбапе не е воопшто добра.
Се започна уште на почетокот на октомври кога Мбапе не беше во ростерот за натпреварите со Франција минатиот месец, а потоа беше објавено дека самиот играч побарал да не биде повикан за да има време за одмор.
Сепак, се очекуваше Мбапе да се врати во националниот тим на преостанатите два натпревари од Лигата на нации, но тоа не се случи.
Дешам го објави составот на „триколорите“ за натпреварите од Лигата на нации во кој изненадувачки не беше Мбапе и објасни дека играчот на Реал (М) сака да дојде, но дека на крајот негова е одлуката да не го покани.
-Имав неколку разговори со Мбапе и размислував за ова. Моја одлука е да не го поканам иако покажа волја и желба да дојде и да биде достапен за овие натпревари. Нема да се расправам понатаму со вас и ова е најдобриот начин да се заврши темата, изјави Дешам.
Францускиот новинар Ромен Молина објави дека ситуацијата е драстично поинаква од онаа како што ја претстави Дешам и дека тој и Мбапе немаат воопшто добри односи бидејќи напаѓачот на Реал не сакал да се појави на собирот минатиот месец.
Молина додаде дека ситуацијата е исклучително сериозна и дека ниту Мбапе повеќе не сака да игра за Франција додека Дешамп е селектор.
И таман кога се смири целата ситуација Мбапе проговори на оваа тема и даде изјава за „cliquetv“.
„Сакав да играм за Франција во ноември. Селекторот одлучи да не ме повика. Не можам да ви кажам зошто. Жал ми е. Тоа може да ви го каже ако сака. Мене ми е забрането“, изјави Мбапе.