Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг изјави дека потенцијалното депортирање на сириските граѓани од Австрија може да започне само кога ќе се стабилизира ситуацијата во Сирија, но дека засега е невозможно да се предвиди кога тоа би можело да се случи.
„Најнормална и најразумна работа на светот е да се каже дека ќе го направиме тоа што е можно поскоро. Не знам кога. Можете ли да ja предвидите иднината?“, изјави Шаленберг за Ројтерс.
Тој посочи дека ќе биде потребно време за да се разјасни ситуацијата во Сирија, предупредувајќи на „либиско сценарио“ за Сирија.
„Најлошото сценарио е, се разбира, развојот на една пропадната држава, така да се каже, која не може да се управува во реалноста. Либија 2, ако сакате. Тоа ќе мора внимателно да го следиме“, изјави шефот на австриската дипломатија.
Австриското Министерство за надворешни работи во понеделникот соопшти дека владата наредила да се суспендираат барањата за азил од сириските државјани во земјата, откако бунтовниците го зазедоа Дамаск во неделата, а претседателот Башар ал Асад замина за Русија.