Д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Врховниот суд на Македонија, истакна дека согласно со националната и меѓународна правна регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како фундаментално право на граѓаните, а со непреземањето соодветни дејствија, надлежните органи го повредуваат уставно загарантираното право на здрава животна средина. Кирил Ристовски, претседател на Центарот за еколошка демократија „Флорозон“, ја истакна загриженоста за спроведувањето на законите, односно го изнесе податокот дека во 2023 година, од 29.506 предмети за познати сторители, само 224 се однесувале на кривични дела против животната средина. Притоа, Народниот правобранител постапувал по само 21 претставка поврзана со животната средина, а Државната комисија за спречување на корупција нема реализирано ниту еден случај на корупција во оваа област, што според Ристовски се алармантни податоци кои бараат итни мерки
Само 1,2% од граѓаните се обиделе да го остварат човековото право на здрава животна средина преку правни постапки, а само 16,7% се свесни за тоа што значи еколошката правда. Ова го покажало истражувањето спроведено од УНДП, чии податоци ги обелодени заменичката на Постојаниот претставник на УНДП, Ана Чернишова на тркалезната маса на тема „Еколошките човекови права и еколошката правда – промоција, заштита и унапредување“, што по повод Меѓународниот ден на човековите права, се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ “
Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, професор д-р Сашо Георгиевски, ја потенцираше важноста на едукацијата.
-Едукацијата во областа на еколошкото право е од суштинско значење за подготовка на генерации кои ќе можат активно да се борат за заштита на животната средина и човековите права. Интегрирањето на еколошките теми во наставните програми не само што го подига нивото на знаење, туку и ја зајакнува свеста за примената на правото како средство за промовирање на правда и одржливост – рече тој.
Д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Врховниот суд на Македонија, истакна дека согласно националната и меѓународна правна регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како фундаментално право на граѓаните.
– Со непреземањето соодветни дејствија, надлежните органи го повредуваат уставно загарантираното право на здрава животна средина – истакна Лазарова-Трајковска.
Кирил Ристовски, претседател на Центарот за еколошка демократија „Флорозон“, ја истакна загриженоста за спроведувањето на законите.
– Во 2023 година, од 29.506 предмети за познати сторители, само 224 се однесувале на кривични дела против животната средина. Народниот правобранител постапувал по само 21 претставка поврзана со животната средина, а Државната комисија за спречување на корупција нема реализирано ниту еден случај на корупција во оваа област. Ова се алармантни податоци кои бараат итни мерки – смета Ристовски.
На оваа тркалезна маса беше нагласена и потребата од унапредување на квалитетот на наставните програми преку усогласување со глобалните и европските трендови, притоа внимавајќи темите поврзани со еколошкото право да бидат интегрирани на начин кој ги одразува најновите правни, научни и етички прашања од оваа област.
Во таа смисла, академските институции треба да поттикнат интердисциплинарна соработка за создавање на сеопфатни решенија за еколошките предизвици преку интеграција на различни дисциплини, вклучувајќи право, екологија, економија и социологија.
Настанот беше организиран во рамките на проектот „Интеграција на еколошката правда во високото образование,“ кој го спроведува Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, во партнерство со факултетот и со финансиска поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку Глобалната програма на УНДП за зајакнување на владеењето на правото, човековите права, правдата и безбедноста за одржлив мир и развој.