Димитриеска-Кочоска најавува година на инвестиции и намалување на сивата економија, корупцијата, криминалот…

17

Буџетот за 2025 година е документ со кој Владата ги најавува промените во политиките коишто се во насока на остварување на планот за фискална консолидација, обезбедување фискална одржливост и поддршка на економскиот раст. Базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции, обезбедува непречено функционирање на институциите и државата, редовно сервисирање на обврските и она што е најважно за новата Влада е неговата развојна компоненета преку поттикнување реализација на еден значаен инвестициски циклус, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето за Предлог-буџетот за 2025 година пред пратениците.

Идната година, како што истакна министерката, ќе биде година на инвестиции што ќе дадат додадена вредност и што ќе го „откочат тркалото“ и ќе нè искачат на едно скалило погоре во остварување на повисоки стапки на економски раст. Димитриеска-Кочоска најави инвестиции на ниво од над 47 милијарди денари само во јавниот сектор, за кои очекувањата се дека ќе имаат и значајно позитивно влијание врз економската активност.

Новиот план на Владата, како што кажа, е заснован на реална реализација на овој силен инвестициски циклус во јавниот сектор, надополнет со инвестиции во приватниот сектор и општините.

Годината што доаѓа, покрај инвестиции, рече министерката, ќе ја одбележи и старт на фискална консолидација поткрепена со низа сериозни мерки во остварување на таа цел.

Согласно со проекциите вкупните приходи на Буџетот за 2025 година се планирани на ниво од 358,8 милијарди, додека расходите се планирани на ниво од 400,2 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи, објасни таа, резултираат со буџетски дефицит проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4% од планираниот БДП. – Со ова ниво на буџетска потрошувачка се овозможува нормално и непречено функционирање на институциите, исполнување на обврските кон меѓународните кредитори, како и подобрување на животниот стандард на граѓаните и бизнис заедницата, рече министерката за финансии.

Владата ќе продолжи во остварување на определбата за постигнување постепено усогласување со фискалните правила во рамки на Фискалната стратегија 2025-2029 преку реализација на мерки на приходната и расходната страна.

Во Буџетот за 2025 година, проектирано е повисоко ниво на остварување на приходите по основ на сите видови на даноци споредено со 2024 година.

Најзначајната карактеристика на овој Буџет, како што нагласи Димитриеска-Кочоска, е развојната компонента со значајно учество на капиталните расходи со околу 4,6% во БДП на годишно ниво и се планирани во висина од околу 47,2 милијарди денари.

Во 2025 година предвидено е продолжување на финансиската поддршка и соработка на Владата со општините која ќе биде насочена кон континуирано инвестирање на средства од централниот буџет за капитални инфраструктурни проекти во општините, зголемување на финансиската стабилност на општините преку овозможување фер распределба на средствата, согласно начелата на рамномерен регионален развој, поволности и стимулација за општините кои имаат планирани буџети, висок степен на реализација, како и висок степен на наплата на локалните даноци и подобрена методологија за пресметка на трошоците за тековно одржување. Планирани се значајни инвестиции со буџетски средства во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на дел од Коридорот 8, и тоа: делницата Тетово – Гостивар (проширување на автопат), изградба на делницата Гостивар – Букојчани, како и на делницата Прилеп – Битола како дел од Коридорот 10д. Во историја заминуваат авансните исплати, и одиме во реална реализација на инвестициите. Ќе продолжи изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8 преку делницата Ранковце-Крива Паланка, финансирана со заем од Светска банка и делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, финансирана со заем од Европската банка за обнова и развој – ЕБОР и грант-средства од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ. Ќе се финансира и западниот дел од патниот Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево-Букојчани, со заем од ЕБОР и делницата Кичево-Охрид, со заем од ЕКСИМ банка.

Со средства од ЕБОР ќе се финансира изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце (граница со Косово), додека подобрувањето на патната инфраструктура на општините ќе се реализира преку Проектот за поврзување на локални патишта, финансиран од Светската банка.

Во текот на 2025 година предвидени се средства за продолжување на реализацијата на проектите за изградба и рехабилитација на железничката пруга од Коридорот VIII, отпочнување проект за изградба на заеднички железнички граничен премин со Република Србија, односно изградба и опремување на железничка станица Табановце.

Димитриеска Кочоска пред пратениците кажа дека повторно ќе се оди со задолжување од Унгарија со 500 милиони евра кои ќе се искористат за покривање на еврообврзницата издадена во 2018 година, а останатиот дел ќе биде обезбедено од домашно инвестирање.

-Износот на државниот долг на 30.9.2024 година изнесува 49,3% од БДП, а на јавниот долг 56,9% од БДП. Согласно со последните проекции на Министерството за финансии јавниот долг на крајот на 2024 ќе изнесува 62,7%. А на крајот на 2025 година 62,1% што јасно укажува дека работиме сериозно на фискална консолидација, нагласи Димитриеска-Кочоска.

Опозицијата СДСМ на комисиската расправа упати остри критики за Предлог-буџетот за 2025 година и го оцени како нереален и неразвоен. Тие поднесоа над 200 амандмани во кои главниот фокус беше зголемување на платите во јавниот сектор и обезбедување подобри услови за работат и квалитетни јавни услуги.

Собраниската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година трае пет дена.

ИЗДВОЕНИ