Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред судот во Тел Авив изјави дека обвиненијата против него се „океан на апсурд“.
„Осум години го чекав овој момент да ја кажам вистината како што ја паметам, која е важна за правдата. Но, јас сум и премиер. Ја водам земјата низ војна на седум фронтови и мислам дека може да биде направено паралелно“, рече Нетанјаху.
Судот му даде можност на Нетанјаху да прави итни паузи и да прима пораки за време на судењето, „бидејќи тој е премиер и се води војна“.
Тој изјави дека не се грижи за поволното покривање во медиумите за себе и дека реалноста е сосема спротивна и дека е фокусиран не на својата иднина, туку на иднината на Израел.
Тој тврди дека неговото семејство било соочено со „напади, клевети и лаги од такви размери што ги доживеале малку јавни личности“ и дека, по голема веројатност, „нема слични случаи во светот“.
Нетанјаху е обвинет за измама, злоупотреба на службената положба и поткуп во три одвоени случаи.
75-годишниот израелски лидер е обвинет дека добил подароци пури и шампањ во вредност од десетици илјади долари од холивудскиот продуцент, милијардерот Арнон Милхан во замена за помош за лични и деловни интереси.
Во одговор на прашањата за тоа, Нетанјаху рече дека тоа е целосна лага и дека повремено пали пура, но дека мрази шампањ, пренесоа агенциите.
Тој рече дека обвинувањата не само што се апсурдни, туку и срамни.
Израелскиот лидер денеска дојде пред судот во Тел Авив за да презентира докази во долгогодишното судење за корупција.
Тој рече дека работи од 17 до 18 часа на ден и е зафатен со состаноци, особено во изминатата година поради тековната војна во Газа.
Тој ги отфрли сите обвинувања, велејќи дека тоа е „лов на вештерки од непријателски медиуми и пристрасен правен систем за негово соборување“.
Осврнувајќи се на истрагите за наводните обиди да ја искористи својата позиција за да добие позитивно медиумско покривање против него, тој рече дека е зачуден.
Во друг случај, Нетанјаху беше обвинет за олеснување на усвојувањето на прописи кои ќе му користат на телекомуникацискиот магнат во замена за позитивни написи за семејството на Нетанјаху на веб-страницата Вала.
Во третиот, тој беше обвинет дека се обидел да постигне договор со издавачот на тиражниот весник Једиот Ахронот од истата причина во замена за регулатива што ќе го ослабне главниот конкурентски весник Израел Хајом.
Нетанјаху изјави дека верува во „слободниот пазар на мислење и дека две третини од израелската јавност се дефинира себеси како десничарски, а 90 отсто од медиумите се левичарски“, пренесоа израелските медиуми.
Тој е првиот актуелен премиер кој се брани од кривични пријави и долго време се обидуваше да го избегне денешниот ден, а денеска рече дека ја поздравува можноста да даде докази.