Постојаниот комитет на Бернската конвенција, кој заседава секоја година во декември во Стразбур, Франција, минатата недела повторно го разгледуваше случајот за националниот парк „Маврово“ и изградбата на хидроцентрали на неговата територија. Случајот за Маврово беше отворен во 2014 година и оттогаш Бернската конвенција будно го следи напредокот на Македонија во однос на дадените препораки за разрешување на овој случај.
Една од главните препораки е воведување забрана за изградба на хидроцентрали и итно раскинување на сите доделени концесии за хидроцентрали во заштитените подрачја. Конвенцијата препорача забрзување на постапката за репрогласување на Маврово за национален парк, ревизија и усвојување акциски план за заштита на балканскиот рис, како и усогласување на националното законодавство со меѓународните стандарди за заштита на природата.
-Оваа година е забележан недоволен напредок. Иако концесиите за „Жировничка 5 и 6“ беа откажани, одлуката за конечно раскинување на нивните договори не е донесена. Концесијата за хидроцентралата „Рибничка“ сè уште не е раскината. Наспроти препораката, Владата во ноември 2024 година ги продолжи концесиите за неколку нови хидроцентрали, од кои една е во границите на националниот парк „Шар Планина“. Напредокот со прогласувањето на „Маврово“ е исто така недоволен. Иако почна подготовката на студија за валоризација на Маврово, сепак не е финализирана и сè уште не е почната изработката на планот за управување со паркот. Нема придвижување ни во однос на акцискиот план за заштита на балканскиот рис, критично загрозен вид кој се размножува исклучиво во националниот парк „Маврово“ – се вели во соопштението на „Еко свест“.
Оттаму, нагласуваат дека од голема важност за успешно затворање на случајот е донесување на Законот за води и нов Закон за природа, прогласување на „Маврово“ согласно со меѓународните стандарди, донесување на акциски план за балканскиот рис и обезбедување на државни финансии за заштитените подрачја. Како главна препорака останува забраната за изградба на хидроцентрали во заштитени подрачја која мора итно законски да се воспостави и практично да се спроведе.