ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Будење на животната енергија

271

Денешното брзо темпо на живеење создава многу борби, притисоци и напнати ситуации. Егзистенцијалните проблеми и тешкотиите се насекаде присутни. За да се заштитиме од негативните околности, неопходно е да бидеме претпазливи и да вложуваме во сопствените вредности. Надежта, вербата и љубовта се главните двигатели на хармоничното живеење. Колку почесто ги практикуваме овие вредности, толку поретко ќе бидеме под удар на негативните вибрации.

Луѓето во голема мера се детерминирани од физиолошката основа на својата личност. Препуштањето на задоволствата што го крепат духот и телото се битен фактор за да се чувствуваме добро. Потребата за задоволства може да биде различна. За духовно ориентираните поединци најважни се задоволствата што произлегуваат од внатрешната смиреност.

Преголемата насоченост кон задоволствата на телото (храна, алкохол, цигари, разврат итн.)  може да го разнебити нашиот организам и да нѐ соочи со опадната психофизичка енергија.

Каде е решението за излез од дисфункционалната енергија?

Со блиските да споделуваме сродност, нежност и прегратка; да градиме позитивни односи; да практикуваме креативност; да читаме интересни книги; да слушаме пријатна музика и да уживаме во духовните задоволства. Посетата на културна манифестација може да создаде задоволство. Прошетката во природа и погледот насочен кон убавиот пејзаж (зајдисонце) можат да иницираат големи задоволства. Пријатниот и поучен разговор со блиските буди позитивни чувства. Дали инвестирањето во знаење придонесува за позитивната енергија? Секако дека придонесува! Дали водењето љубов и блискоста со саканата личност со која сме емоционално поврзани создава големо задоволство? Дефинитивно дека создава! Какви се последиците од таквите состојби? Благопријатни, подигнувачки, витални и хармонични.

Како да ја подигнеме животната енергија и да се насочиме кон хармоничните патишта?

Најважно е да се дистанцираме од надворешните фактори што ја исцрпуваат нашата животна енергија. За да не бидеме под удар на негативните вибрации, неопходно е да ги контролираме импулсите на нагонот и ниската страст. Тие можат да ни ја пробудат енергијата, но можат да ни донесат и голема психофизичка криза и неспокојство. Наместо да се насочуваме кон она што нѐ разнебитува, треба да се определиме за она што психофизички нѐ заздравува.

Оптимизмот и вербата дека ќе успееме се основните агенси на напредокот. Најбитно е да имаме надеж дека ќе биде подобро и дека ќе ни се отвори. Силната верба подразбира верување во Божјата сомилост. Ако веруваме во Божјата сомилост, тогаш веруваме во љубовта. Ако веруваме во љубовта, тогаш ќе ја облагородуваме љубовта! Нема да им наштетуваме и да ги повредуваме другите; нема да зрачиме со негативна енергија; ќе се чуваме себеси од лошите влијанија; ќе вложуваме во развојот на личноста итн.

Љубовта е поврзана со емоциите, кои честопати се повлијателни од разумот. Најголемата хармонија произлегува од усогласувањето (соединувањето) на умот со срцето. Вложувањето во знаење е мошне битен аспект на себехармонизирањето. Философот Сократ сметал дека луѓето грешат од незнаење. Колку сме подобри кон самите себе, токму повеќе сме насочени кон себеосознавањето. За да си направиме добро на самите себе, неопходно е да вложуваме во знаењето и да умееме да го разликуваме доброто од злото. Акумулираното знаење и стекнатите искуства можат да ни помогнат во критичните животни ситуации. Умот треба да го насочиме кон афирмативната животна енергија. Заспано ќе живееме ако не вложуваме во надградбата на личноста и не покажуваме интерес за духовноста.

Сѐ што примаме како енергија, емоција и информација се акумулира во длабочината на нашето битие. Треба да се определиме за сѐ што не облагородува, подига и хармонизира како личност. Какви насоки треба да му дадеме на нашиот аналитички ум во борбата со негативните вибрации?

Да селектира и преиспита одредени релации; да не се окупира со лица кои се неодговорни; да не се троши на докажувања и борби со неморални поединци; да не манифестира критички однос кон самиот себе; да креира позитивни мисли; да влијае мотивирачки во будењето на животната енергија итн.

Најважно е храбро и оптимистички да дејствуваме, отворајќи се за новите перспективи на животот. Треба да разбереме дека грешки се случуваат. Никој не е совршен и доволно мудар за да ги избегне животните проблеми и тешкотии. Понекогаш Бог или судбината нè соочуваат со кризни ситуации, со цел да се освестиме и афирмираме како личност. Основно е да бидеме благодарни што можеме да ја подобриме состојбата во која се наоѓаме. Остварените дела, позитивните резултати и постигнатиот мир се главните аспекти на среќата. Не треба да чекаме среќата да ни падне в рака, туку да преземеме активности што ќе ни овозможат позитивна визија, самодоверба, напредок и повисок степен на хармонија.

Апатичноста, малодушноста, стравот, гневот, тагата и незнаењето се најголемите непријатели на животната енергија. 

Најсилното душевно страдање произлегува од грижата на совест и од чувството на вина. Постојаното самообвинување ќе предизвика да се чувствуваме напнато, несреќно и фрустрирано. Таквото чувство мора да се искорени. Постојат методи за постигнување себехармонизација и за детоксикација од лошите мисли и емоции. Првиот метод е поврзан со самопочитувањето. Главно е да почнеме да се самовреднуваме и да го препознаеме сето добро што го поседуваме. Вториот метод е поврзан со проштевањето. Треба да си простиме на самите себе, да се покаеме и да се отвориме за менталното будење и духовното себеосознавање.

Главниот проблем произлегува од неприфаќањето на минатото и од преокупирањето со доживеаните навреди, загуби и неубави животни состојби.

Негативните навики и ставови се формирани во детството затоа што детето на возраст од околу пет години слуша 11 пати повеќе „не“ отколку „да“, смета Алан Пиз. Според него, кога постојано го напојувате вашиот ум со позитивни мисли преку афирмации, ќе ги истисните негативните. Сè што треба да сторите е да продолжите да го храните умот со позитивни афирмации, повторувајќи ги се додека буквално не бидат истиснати сите ваши првични негативни мисли, сомнежи, стравови и двоумења. Тие ќе станат вашата нова реалност и вашата нова слика што ќе ја имате за себе.

Клучот на себехармонизирањето е да се однесуваме кон нашата душа со почит, позитивна енергија и самомотивација. Зошто нашите мисли и нашите зборови да не бидат афирмативно ориентирани? Треба да се бодриме со искажување на следните афирмации: ќе биде добро; опушти се; ќе ми се отвори; Бог е со мене; ќе пристигне мирот; ќе ја почувствувам радоста, ќе допрам до среќата итн.

Односот кон сопствената душа е основниот агенс на самовредноста, на хармонијата и на пробудената животна енергија.

Суштината на самовредноста не произлегува само од зборовите што ги искажуваме, туку и од енергијата со која зрачиме. Со својот начин на размислување и зборување емитираме позитивна или негативна енергија. Основно е нашата енергија да биде благопријатна, создавачка, мотивирачка, инспиративна, креативна итн. Не вредат слаткоречивите зборови, ако не се поткрепени со позитивни дела. Убавата животна енергија е производ на вистината, љубовта, верноста, посветеноста, сродноста, искреноста итн.

Каде што доминираат стравот, несигурноста и напнатоста, таму не може да опстане хармоничната животна енергија. Стравот и недовербата создаваат тензија и несигурност во односите помеѓу луѓето. Каде што има позитивна енергија, прифаќање, опуштеност, благопријатност и хармонија, таму не се потребни зборови, бидејќи срцето е тоа кое кажува сè. Како што напишал Антоан де Сент Егзипери во „Малиот принц“: „Најубавите нешта во светот не можеме да ги видиме и допреме, туку само да ги почувствуваме со срцето“.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)