– Турското кафе, за нас, е многу повеќе од една напивка, односно претставува нераскинлив дел од нашите култура и традиција. Турското кафе, покрај автентичниот вкус со кој се истакнува, претставува и повод за дружба со нашите семејства, пријатели и сакани. На сите наши гости, било на работа или дома, задолжително им служиме турско кафе – кажа Џунејт Талха Озјурек, привремен вршител на работите во Амбасадата на Турција во Скопје, на одбележувањето на 5 Декември – Денот на турското кафе, настан што се одржа во резиденцијата на турската Амбасада во македонската метропола. Присутните на одбележувањето имаа можност да го пробаат традиционалното турско кафе, но и турскиот локум.
Инаку, токму турското кафе во 2013 година беше впишано на листата на УНЕСКО како нематеријално културно наследство и тогаш за првпат еден вид пијалак му се приклучи на овој список.
– На традиционалните турски церемонии за барање на раката на невестата, со учество на семејствата, невестата го послужува младоженецот токму со турско кафе. Талогот што останува во филџанот е повод за гатање на кафе и се верува дека навестува знаци за иднината и за касметот на лицето што го испилo кафето. Турското кафе си има свое место и во поговорките. Една турска вели дека еден филџан кафе има атер за 40 години – додаде Озјурек.
Тој истакна дека и народите од балканскиот регион со кои има Турција блиски историски и пријателски врски, многу добро го познаваат кафето по неговиот вкус. Турското кафе е симбол на солидарноста, пријателството и на заедничката култура на балканските народи. Туристите од Балканот и од целиот свет, при секоја посета на Турција, неминовно го вкусуваат турското кафе. Знаеме дека турското кафе има значајна улога во промовирањето на Турција во странство и дека има голем придонес во туризмот – додаде Талха Озјурек, со желба кафето да ни носи здравје и убавини и да го зајакнува пријателството меѓу двете држави.
Инаку, историските корени на турското кафе датираат од 1543 година, кога Оздемир Паша, валија на Јемен, го донел во Истанбул. Благодарение на трговците и на дипломатите, овој пијалак брзо се проширил низ Европа, станувајќи еден од најпопуларните видови кафе во светот, заедно со еспресото.
Според Универзитетот „Ајдан“ во Истанбул, потрошувачката на турско кафе во Турција значително пораснала. Во 2011 година, просечната годишна потрошувачка по лице изнесувала 350 грама, додека во 2021 година достигнала 1,1 килограм. Овој раст ги покажува трајната љубов кон традиционалниот пијалак и неговото место во модерното општество.