РЕК „Битола“ од средата работи со полн капацитет. Како што информираа од комбинатот, во погон се трите термоблока што произведуваат електрична енергија.

Директорот на РЕК „Битола“, Тони Петрушевски, информира дека за краток период е оспособен за работа термоблокот „Битола 1“, на кој претходно не му бил извршен редовен годишен ремонт.

– Го оспособивме и овој блок колку што е возможно да помогне во зголемувањето на домашното производство на електрична енергија и да придонесе кон енергетската стабилност на државата во пресрет на зимата – истакна Петрушевски.

Тој посочи дека еден од предизвиците со кои се соочиле во изминатиот период е реализацијата на јавните набавки и затечените договори со надворешни фирми што се ангажирани за ископ на јаглен и јаловина во рудниците во комбинатот.

Директорот на РЕК Битола, Тони Петрушевски

– Затечени економски оператори подолг период манифестирале непочитување на договорните обврски по сите основи, притоа грубо прекршувајќи ги одредбите од договорите што ги имаат склучено со РЕК „Битола“. Еден од таквите примери е односот на ангажираната фирма „Марковски компани“, со која еднострано го раскинавме договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина, поради несовесно и неквалитетно извршување на преземените обврски. Со раскинувањето на соработката, активирана е и банкарската гаранција во износ од 120 милиони денари, поднесена од таа фирма – вели Петрушевски.

Според него, овој економски оператор, со неодговорно постапување, покрај тоа што во континуитет не успевал да ги испорачува договорените количини јаглен, директно ја загрозил енергетската стабилност на државата.

– Со несоодветна динамика за отстранување на јаловинските маси, ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот „Брод Гнеотино“. Поради неиспорачаните количини и кршењето на договорните обврски од страна на предметниот оператор, РЕК „Битола“ бил принуден да врши дополнителна набавка на јаглен за да овозможи стабилна и континуирана работа на блоковите во ТЕ „Битола“. За да биде појасно, би сакал да посочам дека на раскинувањето на соработката ѝ претходеа опомени и укажувања од раководството на РЕК „Битола“, дека операторот не ги реализира договорните обврски според утврдениот обем, динамика и квалитет. Но, и покрај укажувањата, продолжи несериозниот однос преку флагрантно кршење и непочитување на договорните обврски – истакна Петрушевски.

Станува збор за договор склучен на 13 февруари годинава, чие извршување престанува да важи согласно со член 15, според кој една од страните  може да го раскине пред истекот на важноста  доколку другата страна не ги извршува договорните обврски.

(С.Бл.)