Со новогодишната кошница граѓаните ќе имаат намалени цени за над 10 проценти на повеќе од 600 производи од 15 декември до 15 јануари. Меѓу производите кои ќе бидат намалени ќе се најдат дел од основните прехранбени производи како што се лебот, житариците, млекото и млечните производи, месото и преработките, свежи продукти, како и пијалоци. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека со оглед на тоа дека оваа мерка е направена од општествени компании не се предвидени казни. Тој рече дека ќе има контроли од страна Државниот пазарен инспекторат во овој период од 10 дена пред да стапи на сила мерката.
Според Мицкоски ништо не сме направиле ако еден производ бил 10 парички во меѓувреме се качил на 12 парички и сега пак се намали на 10 парички. Но, ако бил 10 парички и сега се намали на 8 парички, тоа е веќе нешто.
– Дојдовме до компромис заедно со бизнис заедницата дека од 15 декември до 15 јануари, цените на одредени производи, повеќе од 600 тини артикли, ќе бидат со намалени цени и истовремено ќе бидат брендирани како и досега со логото „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, за да можат да ги препознаат граѓаните – нагласува премиерот.
Тој истакна дека не станува збор за интервентна мерка, како ограничување на цените, туку договор со сите засегнати страни. Ќе се проверува само дали се почитува договорот, со кој ќе се намалат цените на 600 прооизводи кои се одрбрани со заеднички консензус, со цел да им се помогне на граѓани. Рече дека очекува ниски цени и среќни граѓани со полни трпези за празниците кои следат.
Министерот за економија Бесар Дурмиши рече дека оваа новогодишна кошница е сосема поинаква од претходните, бидејќи е предложена од производителите и трговците.
– Денеска после цел месец консултации со бизнис заедницата имаме чест да ја најавиме новогодишната кошница направена заедно со бизнис заедницата. Ова е сосема поразлично од претходно и е со цел заштита на стандардот на граѓаните. Различно е затоа што наместо ние како Влада да носиме одлука за намалување на цените на основните прехранбени производи, оваа иницијатива е покрената од самите производители и дистрибутери, кои доставија листа на најпродавани производи, кои за празниците ќе се продаваат по цени пониски за десет и повеќе проценти. Ова намалување на цените ќе важи еден месец, во период кога има повеќе празници. Со акциските цени ќе бидат опфатени повеќе производи од типот на леб, житарки, месо, месни преработки, риба, млеко, млечни производи, кондиториски производи, свежи овошје и зеленчук, пијалоци. Тука се опфатени 675 производи од 65 компании и дистрибутери. Производите кои ќе бидат опфатени, ќе бидат означени со логото „Помалку трошоиц, повеќе за тебе“ – изјави министерот.
Тој дополни дека за подобра информираност на граѓаните ќе има веб страна „Мојакошница.мк“, на која граѓаните може да се информираат кои производи ќе поевтинат.
Премиерот и министерот истакнаа дека листата на производи не е конечна, и може да се надополнува во секој момент.
Тие рекоа дека не се предвидени казни, односно нема да има контроли, таа ќе ја прават самите граѓани, кои ќе купуваат од производите и кои ќе кажат самите дали има или нема намалување на цените.
Премиерот рече дека ако откријат зголемување на цените пред акцијата, ќе постапат согласно законите. Службите ќе ги проверат цените кои биле овие денови, и да се направат проверки за можна манипулација на договорот, но истакна дека не очекува манипулации од бизнис заедницата.
– Ако видиме дека некој манипулира, имаме алатки да ги казниме. Пазарниот инспекторат има начин да ги провери цените, ако некој сака да манипулира, има алатки да ги спречиме – дополни премиерот.
Од опозициската СДСМ повторно ја повикаа Владата наместо неефикасни мерки со кошнички, ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати докажаните мерки на СДСМ за цените, како што е укинувањето на ДДВ на храната.
-Со укинување на ДДВ на храната реално и вистински ќе се намалат цените на повеќе од 250 категории на производи, а домаќинствата ќе можат да заштедат и до 2.000 денари месечно. Наместо нови мерки кои нема да дадат резултат владата треба да го прифати нашиот предлог за укинување на ДДВ на храната – мерка која директно ќе помогне во намалување на трошоците за живот и ќе даде вистинска поддршка на животниот стандард на граѓаните, изјавија од СДСМ.
На ова регираше премиерот Мицкоски кој рече дека за време на владеењето на СДСМ се носеле погрешни економски мерки кои не доведоа до многу лоша економска состојба.
-За првпат имаме месечен суфицит, историско ниво на странски директни инвестиции, нула инфлација во октомври. Затоа СДСМ да молчи и да не остави да работиме, бидејќи нашите мерки имаат резултат, рече Мицкоски.
(А.С.)