Постојниот комитет на Бернската конвенција денеска во Стразбург требаше даго разгледува спроведувањето на препораките за отворениот случај за заканите врз Охридското Езеро и Националиот парк Галичица. Од Фронт 21/42  истакнуваат дека не само што државата во изминатата година не спроведе ниту една од 15 препораки, туку за четири од нив, состојбата е уште полоша.

– Минатата недела се објави Извештајот на мисијата на УНЕСКО од 2024 година – по трет пат експертите заклучуваат дека Охридскиот Регион ги исполнува критериумите за светско наследство во опасност, додавајќи дека несоодветните интервенции, урбанизацијата, неадекватното просторно планирање, инфраструктурните проекти, итн. нанесуваат неповратна штета поради што Охридскиот Регион може да ја изгуби Исклучителната универзална вредност во краток до среден временски период – информираа од Фронт 21/42.

Тие работат на зачувување на Охридскиот Регион полни десет години и велат дека немаат никакво сомневање дека единственото светско природно и културно наследство во земјава е жртва на невладеење на правото.

– Нашиот последен случај многу точно го илустрира уништувањето на вредностите благодарение на неспроведувањето и кршењето на законите токму од страна на институциите чија основна должност е истите да ги спроведуваат. Во април 2023 година, при една од редовните посети на терен, увидовме незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, додека за истото важеше (и сеуште важи) Решение за привремена заштита. Веднаш испративме инцијативи за инспекциски надзор, кои прераснаа во шест месечна комуникација со сите релевантни иснпекциски служби – ДИЖС, Инспекциски совет, Државен управен инспекторат, Државен градежен инспекторат и локални инспектори при Општина Охрид – велат од Фронт 21/42.

Исходот од сето тоа беше непречен развој на нов урбан комплекс во рамки на блатото.

– Состојба на терен во септември 2023 година, по серија иницијативи за  инспекциски надзор – наместо да бидат отстранети двете дивоградби се завршени, со основа за понатамошен урбан развој. Состојба на терен во јули 2024 година – пет дивоградби се завршени, две се во изградба, со основа за понатамошна урбанизација. Работејќи на случајот со дивоградбите, откривме дека земјиштето на кое се развива овој незаконски урбан комплекс е приватизирано противзаконски, благодарение на одговорни лица од од Министерството за финансии и Државниот правобранител – велат од Фронт 21/42.

Фото: Фронт 21/42