КОЛУМНА, ГЕНЕРАЛ ГОРАНЧО КОТЕСКИ: Руско-украинскиот конфликт низ воен визир

1305

Во последниве неколку недели, особено по победата  на изборите на идниот претседател на САД, Доналд Трамп, се интензивираат борбените дејства како кај руската така и кај украинската страна, со цел да се обезбеди подобра позиција на бојното поле.

Во анализата ќе ги истакнам главните проблеми и некои аспекти што се појавија во текот на војната во изминативе илјада дена, пред сè во начинот на водење на воените операции  и нивното влијание на политичките одлуки, но и влијанието на политичките одлуки врз успехот на воените операции.

Москва, несомнено, со почетниот удар и со продорот сакаше да создаде услови за безусловни преговори и да постави  нова политичка структура во Киев. Од специјалната воена операција се очекуваше да бидат постигнати приближно целите што беа постигнати со војната во 2008 год., во Грузија, каде што Русија за пет дена воспостави воена контрола.

Но, тоа очекување не се случи, пред сè, поради начинот на водење на борбените операции на тактичко, оперативно и на стратешко ниво од страна на руските вооружени сили, кои во почетниот период, со недоволна воздухопловна и артилериска поддршка, ги употребија оклопните механизирани единици како ударна сила, а пред себе имаат широк фронт на дејство од околу 1.000 км.

Русија, на почетокот од офанзивните дејства, очекуваше дека поголем дел од  општеството во Украина ќе се сврти против политиката на Киев, но наспроти ова руско очекување, се случи неочекуван отпор од украинските вооружени сили, особено во одбраната на Киев и на другите поголеми градови.

Во изведувањето на борбените операции, особено кај руските вооружени сили, се појави проблем во синџирот на борбена и на борбено- сервисна поддршка, кој беше бавен и недоволно функционален. Борбените правила прецизно дефинираат дека успехот во водењето на борбената операција во голема мерка зависи од организираната борбено-сервисна поддршка, каде што логистиката го зазема централното место.

На специјалната воена операција, која подоцна прерасна во вистинска војна, временските услови битно влијаеа на организацијата и на нејзиното изведување, особено во изборот на целите и нивното уништување, изведувањето на воздухопловната и на артилериската поддршка и движењето на трупите.

Иако Украина е претежно рамничарска земја, тешко проодното земјиште, особено во зимски услови, ги намали подвижноста, огнените капацитети и можностите на оклопно- механизираните единици, на артлериско-ракетните и на другите огнени системи.

Континуиран проблем, кој доминира од самиот почеток на војната, како кај руската така и кај украинската страна, е извршувањето на воената мобилизација со која се обезбедува пополнување на единиците со луѓе и со техника  и замена на воените единици што се вклучени во изведувањето на борбените операции.

Изведувањето на борбените операции во урбани средини ја направи украинската одбрана упорна и жилава, а ја отежна офанзивата кај руските вооружени сили.

Специјалните сили, поддржани од воздухопловните и од артилериско-ракетните сили, претставуваа главни носители во урбаните борбени операции, додека другите  оперативни единици се употребуваа за одржување на постигнатиот успех на фронтот.

Офанзивата на специјалните украински сили во Курск, со голем степен на изненадување и тајност, ја постигна својата политичка и воена цел. Оваа ненадејна и брза акција и заземањето  руска територија внесоа немир во политичкиот врв во Русија, а военото раководство беше принудено да повлече дел од силите од борбените позииции на фронтот и да ги ангажира во областа Курск.

При изведувањето на борбените операции, не изостанаа вистинските проблеми што се појавуваат кај војниците поради нивната недоволна обученост, особено во ракувањето со донираното вооружување, психофизичките напрегнувања, недостигот на муниција и други потреби.

На почетокот од руско-украинската војна, на виделина излезе употребата на застарено конвенционално  вооружување. Но, како што одминуваше војната така се воведуваше и се користеше софистицирано конвенционално оружје, особено од страна на руските воздухопловни и артилериско ракетните сили, каде што беспилотните летала и ракети со различен ефект, досег и брзина влијаеа на успехот во борбените операции.

Нуклеарната доктрина на Русија за употреба на нуклеарното оружје, како  оружје за масовно уништување, застрашување и одвраќање, беше искористена како главна алатка на руската политика  врз донесувањето бавни и колебливи политички одлуки на западните земји за неправовремено доставување воена помош во Украина, што влијаеше врз успехот на плановите за офанзива и контранапад на украинските вооружени сили. Тоа беше евидентно со испораката на авионите Ф-16, тенковите „леопард“ и „абрамс“, на ракети, беспилотни летала и на друга борбена техника.

Покрај другите причини, оваа задоцнета помош ја чинеше Украина губење на дел од својата територија и губење на човечки животи.

Исто така, огромната воена помош и поддршката од западните земји и НАТО-членки секогаш не подразбираше донирање ново, софистицирано вооружување, борбена техника и опрема, туку беше можност за ослободување од вишокот на застарена техника и опрема.

Во досегашните борбени операции, со одредени ограничувања од западните земји во употребата на различни типови оружје како што се ракетите АТАСМS, „Storm Shadow“, SCALP, Украина се доведе да води војна како што НАТО-алијансата, можеби, никогаш не би одбрала, особено ако се знае дека стратегијата на НАТО е да ги води воените операции со силни воздухопловни, артлериско-ракетни удари во длабина на непријателската територија за да се ослабнат силите на непријателот пред да стигнат до линијата на фронтот.

Во текот на оваа војна, Украина стана најдобриот полигон за испитување на постојното и на новото оружје што се воведува во борбените дејства меѓу  Русија на една страна и НАТО-алијансата на друга страна. По Втората светска војна, воената индустрија, како никогаш досега, не била ставена на олку висок степен на производство.

Соред одредени проценки, преголемата употреба на различно вооружување од двете завојувани страни ја покажува суровоста дека во изминативе илјада дена војување однесе околу 150.000-200.000  жртви на руска и 80.000-100.000  жртви на украинска страна.

Во политичко-воена смисла, од досегашната конфронтација меѓу Русија и Украина произлегува дека носењето правовремени  политичко-воени одлуки влијае врз успехот во воените операции и дека оваа војна не претставува само безбедносен проблем  за Украина туку и за целиот свет.

Од воен аспект, може да се заклучи дека човечкиот фактор игра најважна улога за успехот во воените операции. Исто така, борбената техника и модерното вооружување битно влијаат во постигнувањето успех, но и на промената во тактиката на модерното војување.

Тоа значи дека технологиите како што се комјутерската визија, електронското војување, вештачката интелегенција и прецизното гаѓање со ракети од долг дострел ќе влијаат на идните  концепти на воените операции и ќе го динамизираат модерното војување.

Авторот е генерал-потполковник во пензија и поранешен началник на Генералштабот на АРМ

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)