Општина Карпош и отстапи на МССФ на времено користење простории во спортската сала „Партизан“

459

Општина Карпош и ги отстапи на Македонската спортска стрелачка федерација (МССФ), дел од просториите во состав на спортската сала „Наум Наумовски Борче“ или популарниот „Партизан“, кој се наоѓа во населбата Карпош 4.

Зелено светло за тоа даде Советот на Општина Kарпош на својaта последна седница.

-Станува збор за предметна недвижност која се наоѓа во подрумските простории на спортскиот објект, која се дава на времено користење за период од 10 години без никаков надоместок. Во овој случај МССФ се обврзува комплетно да го опреми подрумскиот простор за спортско стрелаштво, по потреба да инвестира во просторот, редовно да ги подмирува сите трошоци за одржување, како и да ги подмирува режиските трошоци кои произлегуваат од користењето на просторот – соопштија од Општина Карпош.

Стрелачката федерација ќе го опреми просторот кој ќе биде наменет исклучиво за спортско стрелаштво со најнови и современи пултови, носачи на мети, електронски мети и заштитни табли, инсталација на две климатски единици за ладење и греење на просторот, како и монтажа на контролно броило за електрична енергија и водомерно броило за потребите на спортското стрелаштво.

-Оваа практика ќе се применува заради одвојување на сметките за електрична енергија и вода, опремување на просториите за складирање и чување на воздушното оружје, (мети и дијаболи со метални ормари), како и одржување и обезбедување на просторот во периодот за кој ќе биде задолжена Македонската спортска стрелачка федерација. Со овој потег се отвора можност салата „Партизан“ да стане национален тренинг центар за државните репрезентативци, членови на клубови и сите рекреативци, односно за граѓаните на општина Карпош, како и сите спортски ентузијасти од нашата држава – потенцираат од локалната самоуправа.