Европската федерација на новинари ќе ја напушти мрежата „Икс“ на Илон Маск

346

Европската федерација на новинари (ЕФЈ) одлучи да не објавува ништо на платформата „Икс“ на Илон Маск од 20 јануари 2025 година, кога Доналд Трамп официјално ќе стане 47. претседател на САД.

– Како и многу европски медиуми и новинарски организации, ЕФЈ смета дека повеќе не е етички да учествува во социјалната мрежа која нејзиниот сопственик ја претвори во дезинформативна и пропагандна машина – објавија Федерацијата.

По резултатите од изборите во САД, ЕФЈ забележа закана за демократијата и за слободата на говорот во дослух меѓу претседателот на најмоќната земја во светот, Доналд Трамп, и најбогатиот човек во светот, Илон Маск, кој е сопственик на социјалната мрежа „Икс“, поранешен „Твитер“, кој е избран да го води новиот Оддел за владина ефикасност кога ќе стане Трамп претседател, пренесува Н1.

Веднаш по изборот на Трамп, Илон Маск, кој беше активен во американската политика и финансиски поддржувач на Трамп, изјави дека „традиционалните медиуми се мртви“, тврдејќи дека поголемиот дел од нив ја лажеле јавноста.

– Не можеме да продолжиме да учествуваме во социјалната мрежа на човек кој прогласи смрт на медиумите, а со тоа и на новинарите – рече претседателката на ЕФЈ, Маја Север.

Таа додаде дека „социјалната мрежа ‘Икс’ стана вектор за теории на заговор, расизам, екстремно десничарски идеи и мизогина реторика. ‘Икс’ е платформа која повеќе не му служи на јавниот интерес, туку на одредени идеолошки и финансиски интереси на нејзиниот сопственик и на неговите политички сојузници“.

– Уредувачката еволуција на „Икс“, откако беше купена од Илон Маск, едноставно е во спротивност со нашите хуманистички вредности, нашата посветеност на слободата на медиумите, медиумскиот плурализам и на нашата борба против сите форми на омраза и дискриминација. Одлуката да се отстрани нашата сметка @EFJEUROPE ни се чинеше очигледна и ги повикуваме сите подружници и организации кои ја бранат слободата на изразување да се префрлат на други платформи – рече генералниот секретар на ЕФЈ, Рикардо Гутиерез.