Ако сака крај на војната, Украина треба да се откаже од присоединетите територии, предупредува основачот на „Блеквотер“, Принс

126

Русија тврди дека нејзината нова ракета со среден дострел лансирана минатата недела, над Днепро, може да погоди цели низ Европа и дека противвоздушните системи не може да ја спречат. Тоа беше потсетник од Русите дека повеќе не треба да ја играме таа игра, вели поранешниот припадник на американските „Морнарички фоки“, Принс. За руската агресија и за помошта на Украина од Запад, смета дека биле луда задача, „а сè што правиме е уништување генерации украински и руски мажи“

 

Министрите за надворешни работи на членките на НАТО вчера се собраа во Брисел, на дводневен состанок, пред сè посветен на продолжувањето на поддршката за да се брани Украина од руската инвазија. Но, Украина повторно го отвора прашањето за прием во НАТО.

– Ако сакаме да ја запреме оваа вжештена фаза од војната, треба да ја ставиме територијата на Украина што е под наша контрола, под чадорот на НАТО – изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски, за „Скај њуз“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, веднаш одговори дека придружувањето на Украина во НАТО претставува неприфатлива закана за Русија.

Засега, Алијансата одбива да ѝ понуди членство на Украина поради стравот дека руската инвазија би можела да ескалира во војна во која би бил вклучен и НАТО. Министрите ќе разговараат и за потегот на Русија, која минатиот месец лансираше експериментална балистичка ракета кон Украина и ќе ги разгледаат потребите на Киев од противвоздушни системи. Русија тврди дека нејзината нова ракета со среден дострел лансирана минатата недела, над Днепро, може да погоди цели низ Европа и дека противвоздушните системи не може да ја спречат. На дневен ред на состанокот се и одвраќањето и заштитата од руски хибридни напади и саботажни акции против членките на НАТО.

И додека официјално се бара решение на проблемот, Ерик Принс, поранешен припадник на американските „Морнарички фоки“ и основач и ексдиректор на приватната воена компанија „Блеквотер“, кој уште пред да избие конфликтот сакаше да отвори приватна воена компанија во Украина, дава едноставен предлог. Тој рече за американските медиуми дека Киев треба да се откаже од секаква надеж за враќање на присоединетите територии доколку сака да му стави крај на конфликтот. Нема добар исход во оваа војна. Мора да има деескалација. Нема шанси Украина да си ја врати територијата – Доњецк, Луганск, областите на исток, ниту Крим, смета Принс.

Војната во Украина трае речиси три години. Иако Москва планираше брза победа над својот сосед, жестоката украинска одбрана поддржана од Запад ја блокираше реализацијата на тие намери.

– Тоа беше луда задача во последниве години, а сè што правиме е уништување на генерации украински и руски мажи. За таа работа, замислете дека сме во војна со Мексико, а руското оружје пука на територијата на Соединетите Држави. Нема шанси да го толерираме тоа – вели тој.

Принс рече дека се надева дека „новоизбраниот претседател, Трамп, може да се справи со тоа, буквално од првиот ден“.

Во последно време, конфликтот ескалира. Украина почна ненадеен упад во Русија на почетокот од август, постигнувајќи значителен напредок во регионот Курск. Русија потоа побара помош од Северна Кореја, распоредувајќи меѓу 10.000 и 12.000 елитни борци од Пјонгјанг, што, пак, ги поттикна САД да ја овластат Украина да го користи АТАЦМС-оружјето на американската армија за напад на руска територија. Русија возврати со лансирање на нова балистичка ракета со среден дострел во градот Днипро, но и ја смени нуклеарната доктрина со што овозможи употреба на нуклеарно оружје.

Принс го обвини претседателот Џо Бајден за влошување на ситуацијата, нарекувајќи ја одлуката да се дозволи употребата на АТАЦМС „грубо неодговорна“, бидејќи Бајден треба да ја напушти функцијата во јануари.

– Тоа е како давеник да се држи за сламка, мислејќи дека тоа може некако да ги натера Русите да се однесуваат подобро или нешто слично. Факт е дека Русите истрелаа балистичка ракета. Носеше девет боеви глави, со брзина од 9 маха, нема средства да биде соборена. Дури и со ненуклеарно оружје, кинетичката сила е огромна – тоа беше потсетник од Русите дека повеќе не треба да ја играме таа игра – рече тој.