Обидот на опозицијата да организира „мајдан“ во Грузија пропадна, изјави грузискиот премиер Иракли Кобахиџе.
– „Националниот мајдан“ во Грузија пропадна и покрај координираните обиди – рече премиерот на прес-конференцијата. Во овие четири години поминавме низ четири обиди за револуција – национални мајдани. Тоа е факт. Во јуни 2022 година се случи првиот обид за организирање национален мајдан, кога не добивме кандидатски статус (за членство во ЕУ), а на политичката сцена излегоа невладини организации финансирани од странство и побараа оставка на владата и преземање на моќта. Пролетта 2023 година имаше втор обид за национален мајдан, пролетта 2024 година – трет обид, а сега го видовме четвртиот неуспешен обид за организирање национален мајдан – објасни Кобахиџе.
Кобахиџе додаде дека организаторите на протестите во Тбилиси се опозициски политичари и невладини организации кои ќе одговараат.
– Секако, оние политичари кои го организираа ова насилство, а се криеја во своите канцеларии, нема да можат да ја избегнат одговорноста за настаните што се случија деновиве. Ќе потсетам и дека лидерите на богатите невладини организации кои учествуваа и ги поддржаа овие насилни акции се криеја во нивните канцеларии – рече Кобахиџе.
Премиерот нагласи и дека властите знаат дека невладините организации ги снабдувале демонстрантите со специјални заштитни очила против солзавец, им купувале пиротехнички средства и други средства.
Претходната ноќ се одржа уште еден антивладин протест во близина на зградата на грузискиот парламент. Собирот од самиот почеток прерасна во судири со полицијата, поради што беше донесена одлука демонстрантите да се протераат од просторот пред зградата на парламентот.
Грузиското Министерство за внатрешни работи претходно соопшти дека за време на неколкудневните протести во близина на парламентот, повредени се повеќе од 110 припадници на полицијата, а повеќе од 200 лица се приведени.