Граѓанските организации членки на националната коалиција за клима, на годишната средба, која се одржа во Скопје, на 29 и на 30 ноември, како клучно прашање, до делегатите на 29. конференција за клима го поставија прашањето каде ќе се насочат финансиите во наредните децении, во свет со зачестени катастрофални бури, поплави и суши, во кој станува сè потешко да се живее и да се работи.

Една од дискусиите на средбата беше околу заклучоците и текстот на одлуката од 29. конференција за клима, која штотуку заврши во Баку, Азербејџан, и заврши со нецелосни и нејасни одлуки и без дискусија околу клучните прашања.

– Потребно е да се мобилизираат повеќе финансиски средства од развиените земји и да се насочат кон фондот за адаптација за да можат најмалку развиените земји, кои трпат најмногу штети и загуби од последиците од климатските промени, брзо да се адаптираат и да се намалат овие загуби и штети. Како држава што нема финансиски средства да се справи со поплавите и со пожарите, потребно е Македонија итно да започне со изработка на национален план за адаптација, кој ќе помогне да се организираат и да се координираат мерките за адаптација – рече Елена Николовска, програмски координатор за клима во „Екосвест“.

Присутните разговараа за потребата од транспарентно носење политики и мерки и за подобра комуникација и координација со одговорните ресорни министерства и институции на национално и на локално ниво. Внимателно планирање за постепено напуштање на фосилните горива, бидејќи е проблем што ги засега сите области на општеството. Се зборуваше за зајакнување на локалните заедници и на локалните граѓански организации како начин да се зајакнат и да се подобрат носењето одлуки и спроведувањето мерки на локално ниво.

Панелот за поттикнување на волонтерството во еколошкиот граѓански сектор се осврна токму на можноста што ја нуди за зајакнување на граѓанскиот сектор на локално ниво. Учесниците беа согласни дека волонтерството се гради и дека треба да стане дел од културата на однесување и дека еколошките организации треба да бидат дел од формалното образование. Од панелот за еколошка правда произлезе заеднички заклучок дека граѓанските организации им се моќен сојузник на локалните заедници кога се справуваат со еколошките неправди и дека треба да се продлабочи ваквата соработка.