Грузиската полиција уапси истакнат опозициски лидер откако употреби водни топови и солзавец за да ги растера антивладините демонстранти што се собраа во неделата, пред Парламентот, четврта ноќ по ред. На протестите се уапсени вкупно 224 лица, а Државната болница во главниот град, Тбилиси, соопшти дека се хоспитализирани 44, од кои 27 демонстранти и 17 полицајци. Русија негира вмешаност, а Литванија, Летонија и Естонија најавија дека заеднички ќе воведат национални санкции против грузиските функционери што учествуваа во задушувањето на протестите. Санкциите со кои се заканува ЕУ се дискутабилни, зашто може да се донесе таква одлука само со консензус
Ситуацијата во Грузија станува сè посложена по масовните протести што почнаа минатата недела откако објави Владата дека ги прекинува преговорите за влез во Европската Унија.
Грузиската полиција уапси истакнат опозициски лидер откако употреби водни топови и солзавец за да ги растера антивладините демонстранти што се собраа во неделата, пред Парламентот, четврта ноќ по ред. Коалицијата за промени, најголемата опозициска партија во земјата, во објава на „Икс“ напиша дека Зураб Јапариџе, еден од нејзините лидери, бил уапсен од полицијата додека го напуштал протестот. На видеото се гледа како маскирани полицајци го ставаат Јапариџе во возило без ознака.
На протестите се уапсени вкупно 224 лица, а Државната болница во главниот град, Тбилиси, соопшти дека се хоспитализирани 44 лица, од кои 27 демонстранти и 17 полицајци.
Премиерот Иракли Кобахиџе ги обвини граѓаните што демонстрираат дека поверувале во лагите на опозицијата и ги отфрли барањата за нови избори, а полицијата ги повика родителите да ги тргнат децата од митингот на приврзаниците на опозицијата.
– Според грузиското законодавство, сите деца имаат право да уживаат слобода на мирни собири, но сегашните акции многу пати излегоа од рамката на мирно собирање и добија насилна природа, па ги повикуваме родителите да постапат водејќи сметка за најдобрите интереси на детето и да ги заштитат малолетните лица од агресивното опкружување – пишува во соопштението на грузиската полиција.
Владината одлука да ги заврши преговорите за пристапување во ЕУ за критичарите е потврда за отстапување од прозападната политика под влијание на Русија, што владејачката партија го негира. Неколкудневниот хаос во Грузија предизвика реакции и загриженост и во странство. Додека САД и ЕУ се загрижени за, како што сметаат, демократското назадување во Грузија, Русија негира каква било вмешаност. Но, поранешниот руски претседател, Дмитриј Медведев, вчера објави дека во Грузија се случува обид за револуција и дека земјата брзо се движи по украинскиот пат, во темна бездна.
– Ваквите работи обично завршуваат многу лошо – оцени тој.
Литванија, Летонија и Естонија најавија дека заеднички ќе воведат национални санкции против грузиските функционери што учествуваа во задушувањето на протестите во Грузија, објави вчера естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Чакна. Закани за санкции дојдоа и од ЕУ, но тие се тешко остварливи.
– Јасно е дека употребата на насилство врз мирните демонстранти не е прифатлива и Владата треба да ја почитува волјата на грузискиот народ, но и грузискиот Устав. Кога станува збор за Европската Унија, тоа, очигледно, има последици за нашиот однос со Грузија – изјави новата висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.
Како можни чекори, таа ги спомена санкциите и визните ограничувања, но рече дека за какви било последици ќе се разговара и ќе се договора заедно со земјите членки на ЕУ. Но, санкции може да се воведат само ако се согласат сите земји од ЕУ. Тоа во моментов е дискутабилно, затоа што унгарскиот премиер, Виктор Орбан, неодамна му изрази поддршка на премиерот Кобахиџе.
– Ова е бунт на целата земја – изјави за „Франс интер“ проевропската претседателка на Грузија, Саломе Зурабишвили, која ги поддржува демонстрантите.
Стотици дипломати и државни службеници потпишаа отворени писма во кои протестираат против одлуката да се прекинат преговорите со ЕУ и да се запре добивањето какво било финансирање од Унијата за период од четири години, а најмалку четворица грузиски амбасадори поднесоа оставки.
Зурабишвили повика на притисок врз Уставниот суд да ги поништи октомвриските избори на кои победи владејачката партија Грузиски сон. И опозицијата и Зурабишвили велат дека изборите биле наместени. Претседателката, чии овластувања се, главно, церемонијални, вели дека нема да ја напушти функцијата откако ќе истече нејзиниот мандат овој месец, бидејќи Парламентот што ќе го избере нејзиниот наследник е нелегитимен.
Од друга страна, Изборната комисија тврди дека изборите биле фер. Премиерот Иракли Кобахиџе вчера изјави дека претседателката емотивно реагира на изборниот пораз на опозицијата и дека на крајот од месецот ќе мора да ја напушти претседателската палата.
Судирите и продлабочената политичка криза меѓу националистичката конзервативна Влада и проевропската опозиција се закануваат да ја поделат земјата. Тензиите во Грузија растат со месеци откако владејачката партија ги усвои законите за „странски агенти“ и ограничување на правата на ЛГБТ-луѓето. Владејачката партија Грузиски сон вели дека дејствува за да го брани суверенитетот на земјата од надворешно мешање и за да го спречи Западот да ја вовлече во војна со Русија.
Грузија е земја со 3,7 милиони жители, на раскрсницата на Европа и Азија. Некогаш беше дел од Советскиот Сојуз.