Струмичани наддаваа и собираа пари за децата со аутизам

10

Стотина струмичани се јавија на првиот донаторски кружок на Центарот за истражувања и анализи „Новус“ за да донираат пари за иницијативите произлезени од три граѓански здруженија од регионот. Со подигање палки, граѓаните даваа по 500, 1.000 и по 1.500 денари за да може да се реализираат работите што ги иницираа здруженијата „Мобилност“ од Струмица и „Говорот на срцето“ од Босилово и велосипедскиот клуб „Актив“.

„Мобилност“ поведе иницијатива да се соберат средства за да се поправи комбето со кое се превезуваат лицата со телесен инвалидитет. „Говорот на срцето“ побара средства за работилници за да им се помогне на родителите што имаат деца со аутизам, додека ВК „Актив“ поведе иницијатива за проширување на кампингот на Беласица со нови бараки за престој и за одмор на рекреативците.

Собрани се околу 135.000 денари, кои ќе „одат“ за трите граѓански иницијативи, од кои придобивки би имала целата заедница. Претставниците на здруженијата изразија благодарност и соопштија дека со овие средства ќе можат да ги започнат иницијативите и дека ќе бараат средства и од други извори.