Пред нас е уште една натпросечно топла зима?!

36

Најверојатно оваа зима ќе биде уште една во низата натпросечно топли во однос на климатската нормала, што се смета за периодот од 1991 до 2020 година, извести хрватскиот Државен хидрометеоролошки завод (ДХМЗ).

„И покрај какви било најави за зимата што ни претстои, според достапните прогностички материјали за долгорочни временски прогнози во Одделението за временски и поморски анализи и прогнози на ДХМЗ и во соработка со меѓународни експерти кои се занимаваат со оваа проблематика, веројатно зимата 2024 – 2025 година ќе биде уште една во низата со натпросечни температури“, соопштуваат од ДХМЗ.

За сите три зимски месеци (декември, јануари, февруари) велат дека има сигнал за позитивно температурно отстапување од просекот, со голема веројатност да се реализира прогнозата.

„Истовремено, позитивното отстапување би можело да биде помалку изразено во јануари 2025 година. Со продор на студен воздух, што секако ќе има во текот на зимата, температурата може накратко да се спушти до вредности околу или под просекот“, посочуваат оттаму.