Трамп со жестоки критики за помилувањето на Хантер Бајден: „Каква злоупотреба“!

44

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја критикуваше одлуката на американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден да го помилува својот син Хантер Бајден, оценувајќи ја одлуката како „злоупотреба и погрешна одлука“.

Доналд Трамп ја спореди оваа одлука на Бајден со одлуката во која демонстрантите кои учествуваа во немирите на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година беа осудени на неколку години затвор.

„Дали помилувањето на Џо Бајден за Хантер ги вклучува и заложниците Ј-6, кои сега се затворени со години? Каква злоупотреба и погрешна одлука“, навел Трамп, а пренесува американски ABC News.

Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден претходно објави дека го помилувал својот син Хантер, кој чекаше казна во случаите на нелегално поседување огнено оружје и затајување данок.

„Ниту еден разумен човек кој ги гледа фактите за случаите Хантер не може да дојде до друг заклучок освен овој – Хантер беше издвоен само затоа што тој е мој син, и тоа е погрешно“, рече Бајден доцна синоќа, мислејќи на „правосудна грешка“.

Сепак, американскиот претседател во заминување во неколку наврати изјави дека нема да даде претседателско помилување на неговиот син.

Џо Бајден го помилува својот син Хантер и покрај неговото ветување дека нема да го стори тоа