БЛИСКОИСТОЧЕН КОНФЛИKT: Прекршено примирјето – Израел го гаѓаше јужен Либан, во Сирија убиен генерал на Иранската револуционерна гарда

291

Израелската армија го изведе, како што рече, првиот „предупредувачки напад“ во јужен Либан откако вчераутро стапи на сила прекинот на огнот со Хезболах. За тоа време, ИД го зголеми бројот на акции низ Газа, каде од утрово загинаа 25 цивили. Тензично е и на Западниот Брег, каде што израелската полиција спроведува рации. Во Сирија е убиен генерал на Иранската револуционерна гарда.

Примирјето меѓу Израел и Хезболах стапи на сила вчера во четири часот наутро по локално време, со што завршиja речиси 14-месечните индиректни борби и двомесечниот директен конфликт.

Привремениот премиер на Либан, Наџиб Микати, апелираше до Израел целосно да се посвети на новиот договор за прекин на огнот и да се повлече од сите региони и позиции што ги окупира.

Од друга страна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по состанокот на воениот кабинет изјави дека Тел Авив на секое прекршување на примирјето ќе одговори со сила.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција е подготвена да ја даде сета потребна помош за воспоставување траен прекин на огнот во Газа и изрази задоволство што е воспоставен мир во Либан.

Одгласите на примирјето во Либан се слушаат и во Вашингтон, каде претседателот на Соединетите Американски Држави во заминување, Џозеф Бајден, изјави дека Палестинците во Појасот Газа заслужуваат сличен договор за прекин на конфликтот.

Хохштајн ја нарече „фантазија“ идејата Израел да создаде тампон зона во Либан

Специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток Амос Хохштајн го отфрли договорот што би вклучувал израелска воена тампон зона во Либан, нарекувајќи го „фантазија“.

Хохштајн вели дека Ерусалим може да инсистира на тампон зона, но Либан никогаш нема да се согласи Израел да го окупира јужниот дел на земјата, што значи дека прекуграничните напади на Хезболах ќе продолжат.

Висок советник на американскиот претседател Џо Бајден, тврдеше дека тампон зоната ќе бара од Израел да остане во Либан како окупаторска сила – нешто што ниту една суверена земја не би го прифатила.

Тој, исто така, ги негираше израелските тврдења дека САД размислуваат за акција против Израел во Советот за безбедност на ОН, доколку тој не се согласи да ги прекине борбите со Хезболах.

„Никогаш немаше таква дискусија. Тоа никогаш не се случи“, рече Хохштајн.

Кац: Ќе го спречиме Иран со сила ако се обиде да прошверцува оружје во Либан

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави денеска за време на разговорот со неговиот британски колега Џон Хили, дека Израел насилно ќе го запре Иран доколку се обиде да прошверцува оружје во Либан.

Израелската армија потврди дека утринава извршила напад во јужен Либан

Израелската армија (ИДФ) потврди дека утринава извршила напад во јужен Либан, кој го опиша како „предупредувачки удар“.

Палестинска власт: Најмалку 17 Палестинци убиени низ Газа во израелски напади

Рано утрото во израелски воени напади загинаа најмалку 17 Палестинци низ Појасот Газа, соопшти палестинската здравствена управа под контрола на Хамас.

Бројот на загинати борци на Хезболах може да достигне и до 4.000

Високи претставници на Хезболах денеска најавија дека бројот на убиени борци во изминатата година може да достигне неколку илјади.