Сиљановска Давкова- Милатовиќ: Нема проблем во преамбулата да се внесат и Црногорците

27
EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Цетиње со највисоки државни и воени почести беше пречекана од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, по што се одржа тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, пленарен состанок на делегациите на двете држави и заедничка прес-конференција на претседателите.

Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска Давкова, а од линковите подолу можете да преземете видео материјали:

Прво, на претседателот, господинот Милатовиќ, на неговиот тим, на новинарите, на сите присутни им благодарам за исклучително топлото добредојде. Убаво е да се гледаат двете знамиња по патот, убаво е да се гледа прекрасното Цетиње, симбол на државната црногорска традиција, накитено со овие знамиња оти понекогаш знамињата повеќе кажуваат од зборовите.

Зошто прва посета во Црна Гора? Логично беше да се дојде прво овде, бидејќи Црна Гора во моментов е предводникот на реунификацијата, како велам јас или реинтеграцијата на регионот таму каде што и е вистинското место – во Европската Унија. Зошто? – Затоа што географски, историски и културно секогаш била дел од ЕУ.

Затоа, следниот логичен чекор по мене треба да биде средбата на двете влади. Двете се силно економски ориентирани и логично е да ги разменат искуствата.

Трето, следниот чекор, бидејќи приказната има логика, веќе е сторен – нашиот претседател на Собранието господинот Гаши веќе упати покана за заедничка средба, се надевам дека таа брзо ќе се оствари. И овде има логика, каде ја гледам логиката, во учењето. Јас ја знам улогата на црногорскиот парламент во процесот на евроинтеграција и мислам дека научените лекции е добро да се повторат.

Околу уставните измени за кои многу се зборува веднаш ќе кажам никаков проблем нема во преамбулата да се внесат и Црногорците. Никој не негираа и сите ние помниме дека сме биле повеќе од 50 години заедно во добро и во зло. Но, она што важи за уставните измени уште еднаш ќе го реафирмирам. После многу lose-win состојби во кои дури и името го сменивме – непознат феномен, не само меѓу луѓето, туку и меѓу државите, ние повторно значи сме соочени сега на барање на Европската Унија да посегнеме по нови уставни измени.

Соломонското решение што ќе доведе до win-win ситуација го гледаме во одложното дејство на уставните измени, или како ние професионално деформираните правници како мене велиме, vacatio legis со одложно дејство. Причина логична – секогаш кога ќе ги завршите преговорите за ЕУ и кога ќе започне и ќе заврши процесот на ратификација се посега или редовно по уставни измени, логично е тогаш и оваа уставна измена да стапи во сила тогаш, а не сега. Бидејќи ние сме рекордери во уставни измени, за триесетина години дури 36 уставни измени најчесто иницирани однадвор, а не одвнатре.

Присутни, јас морам да кажам дека мојот легитимитет и легитимитетот на владата извира од граѓаните. Не извира однадвор па дури ни од Европската Унија. Јас морам да кажам дека не можам да гарантирам дека ќе има уставни измени бидејќи не сум апсолутен монарх и не можам да ја суспендирам парламентарната демократија. Според секој устав, па и според нашиот, пратениците во системот на поделбата на власта ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување. Во спротивно, фрустрацијата ќе биде многу голема и сакам да предупредам дека ова што се случува со нас нема да биде единствен преседан. Држете ме за збор, Балканот не е Скандинавија. Латвија, Литванија и Естонија станаа најбрзо членки, поддржувани од Финска, Норвешка и Данска. Кај нас не е така. Слично со Данска, можеби Хамлет шета по овие простори. Значи затоа јас велам дека, да не правиме преседани бидејќи билатерализацијата на преговорите ќе го одложи проширувањето на ЕУ.

Ние не сме оптеретување за апсорпциониот капацитет на ЕУ, ама и самата ЕУ честопати вели дека е недовршена симфонија без нас, или дека Балканот, или Западниот Балкан, една измислена синтагма, дека е нејзината Ахилова петица. Тогаш треба, во светот на глобализацијата како плурализација, да водите сметка и за Западен Балкан, како што не нарекуваат. На факултет во предавањето ќе објаснам зошто не разбирам што значи синтагмата, но таа е реалност.

Целосно се согласувам со претседателот дека извонредните политички односи засновани на почит и разбирање, треба да продолжат со економска соработка, бидејќи навистина таа во сегашните размери е симболична.

Инфраструктурно треба да се поврземе, во сите области треба да соработуваме, бидејќи кога велам дека мене регионалниот интерес ми е најважен, идеалистички сметам дека е многу важно да се потенцира дека ако не се штитите меѓу себе, не може да очекувате заштита од надвор. Ако не се разбирате регионално меѓу себе не можете да очекувате разбирање од надвор. Крајно време е ако сакаме преку помирување да дојде до прогрес на овој дел од Балканот да ги развиваме регионалните интереси. Тогаш верувајте ми дека само почитувајќи се и меѓусебно почитувајќи се, ќе ја добиеме и заслужиме и почитта од Европската Унија. Се насмеа претседателот, јас честопати велам дека крајно време е homo balcanicus да стане homo politicus. Емоциите се многу важни во уметноста, во културата и затоа јас се восхитував и денеска на еден од моите омилени сликари, Петар Лубарда, ама емоциите не се добри во политиката. Политиката бара рацио, бара разбирање.

Уште еднаш значи, од срце ви благодарам на прекрасното добредојде. Го потсетив претседателот дека и јас во црногорскиот мозаик едно камче внесов пред референдумот за самостојноста и независноста, бидејќи како професорка, како експертка, повикав овде дека правото на самоопределување е гарантирано со повелбата на Обединетите Нации и дека тоа што важело за сите држави и нации важи и за црногорската држава и за црногорската нација. Дека сум во право се покажува во вашето чекорење кон ЕУ. Се радувам на скорото отварање на четирите поглавја. Очекувам и посакувам 2028-та година да биде годината на влегувањето во Европската Унија, оти тоа е доказ дека е направен првиот голем исчекор, како доказ дека Европската Унија сега има стратегија за Западен Балкан, бидејќи тоа го немаше од 2003-та година односно од Солунскиот самит. Најважното, едно од поглавјата што ќе ги затворите се однесува на надворешната и безбедносната политика. Ние не сме членка на ЕУ меѓутоа имаме целосно хармонизирана надворешна и безбедносна политика. Тоа е многу важно за безбедноста на регионот, во ова време невреме, соочено со војни. Како жена морам нешто да кажам на крајот. И во Генералното Собрание реков дека е крајно време за длабоки реформи, па можеби и за жена генерален секретар на Обединетите Нации, зошто за жал војните најмногу ги погодуваат жените и децата. Мора да ставиме крај на сликите што потсетуваат на Герника од Пикасо. Обединетите Нации се доминантно мировен проект. Му реков на претседателот, добија Нобелова награда за мир, ама Њујорк е местото каде што треба да се решаваат проблемите. ЕУ исто така настана како мировен проект, генерално.

Затоа, значи мора ние на мирен начин да ги решаваме проблемите. Во спротивно нема невин. Не се виновни само оние со чинење, виновни се и оние кои само набљудуваат, а не реагираат.